Италија воведе уникатна мерка: Можете да користите боледување и кога ќе ви се разболи домашното милениче

Точка

15/04/2026

15:38

332

Големина на фонт

а а а

Вработените во Италија можат да користат до три дена боледување со потврда од ветеринар, а одлуката се темели на пресуда од 2017 година со која грижата за животно се третира како законска обврска.

Италија е првата земја во светот која воведе платено отсуство поради болест на домашен миленик. Оваа мерка е резултат на повеќегодишен процес кој започна со пресуда во 2017 година.


Италија воведе мерка што претставува преседан во светот: грижата за тешко болен домашен миленик сега официјално е призната како легитимна причина за користење платено отсуство. Вработените можат да користат до три дена боледување годишно, под услов да достават ветеринарно уверение за потреба од итна нега, а животното мора да биде микрочипирано и регистрирано во соодветен регистар, пишува dnevnik.si.


Зад оваа на прв поглед изненадувачка мерка стои долгогодишен процес чии темели беа поставени уште во 2017 година, со пресудата во познатиот случај „Кучола“. Универзитетска библиотекарка од Рим тогаш земала слободен ден за да се грижи за својот постар англиски сетер и се изборила за право на платено отсуство. Нејзините адвокати докажале дека според италијанскиот закон, неукажувањето помош на животно кое силно страда претставува кривично дело.

Затоа, грижата за домашен миленик не е само личен избор, туку и законска обврска. Иако во многу домаќинства, не само во Италија, кучињата, мачките и другите домашни животни се рамноправни членови на семејството, во повеќето земји тие и понатаму правно се сметаат за имот. Одлуката на италијанскиот суд ја признава грижата за животни што страдаат како сериозна човечка одговорност, а не само прашање на животен стил.