Обвинителката Адела Бојчевиќ на денешното рочиште во Кривичниот суд презентираше повеќе материјални докази против обвинетиот Стојанче Јовановски, меѓу кои и видеоснимки на кои се гледа неговата покојна сопруга Ивана Јовановска како вознемирено плаче и го обвинува за физичко насилство.
Ивана Јовановска трагично го загуби животот на 2 март 2026 година, кога скокна од шести кат од станот во кој живеела со сопругот во населбата Тафталиџе во Скопје. Со неа во смрт ја одведе и нивната шестгодишна ќерка Катја.
На Јовановски му се суди за три кривични дела: телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.
Една од снимките, направена на 10 февруари од телефонот на обвинетиот, ја прикажува Ивана веднаш по пријавата за семејно насилство на бројот 112. Таа стои пред вратата од станот, видно вознемирена, со скрстени раце како да се брани, и низ солзи му вели да престане да ја удира. Тој одговара дека не ја удира, но се смее и ја исмева. Таа повторно го прашува зошто ја удрил, држејќи се за телото од болка, додека тој продолжува да ѝ се потсмева.
Во разговорот, Ивана спомнува и наводна злоупотреба на дрога од негова страна, тврдејќи дека тоа влијаело на неговото однесување. „Дрогата ти го исуши паметот, се утепа од дрогирање, со дрога во гепек те фатија, глумиш дека не е твоја зашто не ти се оди во затвор“, вели Ивана на снимката. Јовановски, пак, ја обвинува неа и Мартин Саздов дека му подметнале дрога во автомобилот, притоа упатувајќи навреди.

Во друга снимка, повторно се гледа расправија меѓу нив во ходникот. Ивана плаче и го обвинува дека постојано ја тепа, а тој ја снима и ѝ наредува да се тргне.
„По бубрези ме маваш зашто сам ми имаш кажано дека татко ти мавал по бубрези кога бил полицаец, за да не се познава. А по скали што ме бутна во болница пред сведоци, што сакаше да ме убиеш и што те пријавив? Колку пати ме имаш тепано? Во систем колку пријави има дека има семејно насилство од твоја страна?“, вели Ивана.
Обвинителството прикажа и снимки од денот на трагедијата, кога околу 11:30 часот Јовановски, Ивана и Мартин Саздов пристигнале во близина на Кривичниот суд. На нив се гледа како обвинетиот агресивно гестикулира, вика и во еден момент ѝ удира шлаканица. Ивана повторно вика полиција, по што службениците разговараат со сите присутни и тие потпишуваат одредени документи, па заминуваат со возило. На друга снимка во близина на судот, Ивана повторно бара полициска интервенција.
Дополнително, презентиран е и стручен наод од психолог и психијатар, кои утврдиле директна поврзаност меѓу долгогодишното семејно насилство и психичката состојба на Ивана.
Меѓу доказите доставени до Судот се и податоци од мобилниот телефон на обвинетиот, договор за дарување стан, обдукциски извештаи, документација од Центарот за социјални работи, медицински извештаи, како и материјали од извршен претрес на станот.












