Австриската влада планира казни до 5.000 евра, или три недели затвор, за повторено непочитување на програмата за интеграција од страна на барателите на азил и лицата со супсидијарна заштита во Австрија, објави австрискиот дневен весник „Heute“, повикувајќи се на нацрт-законот „Закон за обврски за интеграција“, до кој дошол.
„Heute“ истакнува дека новите правила за азил веќе се финализирани и наведува што сè наскоро ќе се промени: „Секој кој ќе одбие да учествува на советување за интеграција или ќе одбие да ја потпише ’Повелбата на вредности‘ што важи во Австрија (вид кодекс на однесување што се темели на рамноправност на половите и владеење на правото), ќе мора да плати казна од 250 до 1.500 евра. Или, алтернативно, ќе мора да помине две недели во затвор. Повтореното избегнување на Програмата за интеграција или честото непојавување на интеграцискиот испит може оној кој се оглушува на тоа да го чини меѓу 1.500 и 5.000 евра – или три недели затвор“.

Мамењето на испитот за австриските вредности, во екстремни случаи, исто така може да доведе до парична казна од 1.000 евра. Имено, било утврдено и дека некои посетители на курсевите на испит испраќале друго, физички слично лице, кое подобро го знаело материјалот. Дури и поединци кои успешно ќе ги положат испитите за интеграција, австриски вредности и ориентација, ако потоа не покажат, односно во пракса не докажат дека го имаат потребното знаење, можат да бидат казнети. Во такви случаи, нацрт-законот предвидува казни меѓу 1.000 и 5.000 евра“, пишува „Heute“.
„Секој кој сака да живее во Австрија мора да научи германски, да работи и да се придржува до нашите правила и вредности. Затоа што интеграцијата не е понуда, туку обврска. Крајно време е тоа да се вгради и во законот“, нагласила австриската министерка за интеграција Клаудија Бауер за „Heute“.

„Доброволноста пропадна“, додала Бауер, нагласувајќи дека „интеграцијата не функционира без јасни правила и последици“.
И токму тоа ќе биде вградено во планираниот каталог на строги казни, кој во наредниот период треба да биде објавен, откако ставовите ќе ги усогласат сите три коалициски партнери во австриската владејачка коалиција: Народната партија (ÖVP), Социјалдемократите (SPÖ) и либералите од Неос.
Според статистичките податоци, од 48.000 невработени баратели на азил и лица со супсидијарна заштита во Австрија, околу 13.000 секоја година без никакво оправдување го прекинуваат посетувањето на курсевите по германски јазик или курсевите за вредностите на австриското општество. Тоа, како што тврдат политичарите, јасно ја покажува итната потреба од дејствување поврзано со интеграцијата на дојденците во австриското општество. Затоа што, пред сè, не смее да се заборави дека сето тоа го плаќаат австриските даночни обврзници, од сопствен џеб, за да ја наполнат државната каса.















