Костадиновски во Атина: владеењето на правото и судската соработка во фокусот

Макфакс

03/04/2026

09:22

135

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, во рамки на заедничката посета со претседателот на Врховниот суд Африм Фидани и на Судскиот совет, Александар Камбовски остварија повеќе работни средби со високи претставници на правосудните институции на Република Грција, насочени кон зајакнување на владеењето на правото и унапредување на меѓуинституционалната соработка.

Делегацијата се сретна со претседателката на Судот за ревизија, Сотириа Тоуни, и заменик-генералниот јавен обвинител Антонис Никитанис, при што беше презентирана улогата и мисијата на оваа институција, основана во 1829 година. Посебен акцент беше ставен на надлежностите во областа на јавните финансии, превентивната контрола на јавните набавки, како и советодавната функција на судот во однос на договорите што ги склучуваат државните органи. Беа разгледани и приоритетите насочени кон унапредување на финансиската дисциплина, управувањето и ревизорските капацитети.

Согласно агендата, делегацијата оствари средба и во Министерството за правда, заедно со постојаниот секретар Василики Ѓави, потпретседателот на Врховниот суд Панајотис Ливоропулос и заменик-јавниот обвинител Софоклис Логотетис. На средбата беа разменети мислења за натамошно продлабочување на соработката во правосудството, со акцент на размена на добри практики, зајакнување на институционалните капацитети и модернизација на судските системи. Беше истакнато дека претстојното претседавање на Република Грција со Европската Унија отвора можности за нови заеднички иницијативи, особено во областа на дигитализацијата.

Во овој контекст, македонската делегација ги презентираше надлежностите на институциите, при што беше потенцирана улогата на Уставниот суд како гарант на уставноста и законитоста и клучен столб во заштитата на владеењето на правото и правната сигурност.

Делегацијата оствари и посебна работна средба со Михалис Пикраменос, претседател на Државниот совет на Република Грција – институција со сродни надлежности во уставно-судската контрола. На средбата беа разменети искуства за оценувањето на уставноста на актите што ги носат државните органи, како и за организацијата и функционирањето на двата системи. Беа разгледани сличностите и разликите во моделите на уставна контрола, при што беше истакнато дека довербата во судството претставува клучен предуслов за стабилноста на демократските процеси.

„Креирањето на перцепција за недостаток на доверба во судството директно ја погодува демократијата“, се согласија соговорниците.

На средбата беше изразена подготвеност за интензивирање на соработката, а претседателот Костадиновски упати покана за возвратна посета на Уставниот суд на Република Северна Македонија, како и за учество на Балканскиот форум на уставни судови, како платформа за регионална размена на искуства и зајакнување на уставно-судската пракса.