Една грешка и – катастрофа! Ова е конечниот план за најризичната операција во историјата

Точка

02/04/2026

21:30

1.591

Големина на фонт

а а а

Американската војска изработила детален план за преземање на речиси 450 килограми високо збогатен ураниум во Иран, а станува збор за операција што би вклучувала транспортирање на тешка механизација, пробивање на длабоко вкопани складишта и изградба на импровизирана писта за транспортни авиони кои би го изнеле радиоактивниот материјал од земјата, пишува „Вашингтон пост“.

Планот, според извори запознаени со ситуацијата, му бил претставен на претседателот Доналд Трамп минатата недела на негово лично барање, заедно со процени за сериозни оперативни и безбедносни ризици.

Самиот факт што се разгледува вакво сценарио покажува дека Белата куќа не ја исклучува едната од најчувствителните и најризични специјални операции во современата воена историја.


Ограничувањето на иранската нуклеарна програма и натаму е клучна цел на Вашингтон, но воени и безбедносни експерти предупредуваат дека ваквиот потфат би бил исклучително сложен и без преседан во воени услови.

Операцијата би барала префрлање стотици, па и илјадници војници, заедно со големи количини опрема, длабоко на иранска територија, со можност сето тоа да трае со недели, па дури и месеци, и тоа под постојана закана од напад.

Најсложената операција во историјата

Во меѓувреме, американската администрација се обидела по дипломатски пат да стави крај на конфликтот, нудејќи му на Иран план што вклучува откажување од резервите високо збогатен ураниум. Техеран го одбил предлогот, иако претходно сигнализирал подготвеност за намалување на нивото на збогатување.

„Ова би била една од најсложените и најизискателни специјални операции во историјата“ предупредил поранешниот функционер на Пентагон, Мик Малрој, нагласувајќи дека ризикот за вклучените сили би бил исклучително висок.

Дополнителен сигнал за размислувањата на Трамп беше неговата поддршка за идејата за испраќање специјални единици на терен, која јавно ја изнесе коментаторот на Фокс Њуз News, Марк Левин, залагајќи се за брзо преземање на иранските нуклеарни резерви.


Иако Трамп во текот на кампањата ветуваше крај на „бесконечните војни“, сега влегува во петтата недела од конфликтот што засега главно се води од воздух, во координација со Израел. Евентуална копнена операција би значела ново ниво на ескалација и значително поголем ризик за американските сили.

Од Белата куќа порачуваат дека станува збор за разработка на опции, а не за донесена одлука. Но, анкетите покажуваат дека мнозинството Американци не поддржуваат испраќање копнени трупи во Иран, што дополнително ја комплицира политичката позиција на администрацијата.

Дел од материјалот бил префрлен пред нападот

Според податоците на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), Иран располага со околу 440 килограми ураниум збогатен до 60 отсто, што е само чекор до нивото потребно за изработка на нуклеарно оружје.

Повеќе од половина од тој материјал се наоѓа во подземен објект во близина на Исфахан, на длабочина поголема од 90 метри, додека остатокот е распореден на локации како Натанц и потенцијално на други тајни објекти.

Сателитските снимки од јуни сугерираат дека дел од материјалот бил преместен во тунели непосредно пред американските и израелските напади. Дополнителен проблем претставува фактот што пристапот до складиштата е отежнат поради урнатините настанати по бомбардирањето, што дополнително би ја забавило секоја потенцијална операција.


Самиот ураниум е складиран во затворени цилиндри слични на големи боци, а пред евентуална воена употреба би морал дополнително да се збогати и да се преработи во метална форма. Експертите предупредуваат и на сериозен ризик од радиоактивна контаминација во случај на директен удар или оштетување на контејнерите.

За воопшто да стигнат до тие резерви, американските сили би морале да транспортираат тешка механизација, да пробијат слоеви бетон, челик и заштитни материјали и да се спуштат до длабоко закопаните контејнери. Процените велат дека таква операција би можела да трае од неколку недели до повеќе месеци, во зависност од условите на теренот.

Големи потенцијални загуби и неизвесен исход

Поранешни воени команданти истакнуваат дека идеално сценарио би било операцијата да се изведе по прекин на огнот и со учество на меѓународни инспектори, но не ја исклучуваат ниту можноста за борбен влез — со очекувани загуби и високо ниво на неизвесност.

Од логистичка гледна точка, станува збор за исклучително тешка мисија. Најпрво би требало да се неутрализираат иранските одбранбени системи за да се овозможи безбеден влез на силите. Потоа специјалните и падобранските единици би морале да го обезбедат подрачјето, потенцијално под постојана закана од ракети, дронови и артилерија.


Инженерските единици потоа би граделе импровизирана писта за снабдување со опрема, додека транспортни авиони и хеликоптери постојано би носеле дополнителни ресурси. Истовремено, десетици тимови би работеле непрекинато на ископување и обезбедување пристап до подземните објекти.

Во операцијата би учествувале и нуклеарни експерти, задолжени за процена на ризикот и надзор над ракувањето со материјалот. Целиот систем за поддршка, од снабдување со храна и вода до одржување на возилата и опремата, повеќе би наликувал на воспоставување привремена воена база отколку на класична тајна операција.

„Бавен и опасен процес“

Особено опасен дел би била самата инфилтрација во подземните објекти. Специјалните единици би морале да напредуваат бавно и методично, користејќи заштитна опрема и сензори за откривање радијација, под постојана закана од експлозии, контаминација или скриени замки.

„Тоа е бавен, прецизен и исклучително опасен процес“, опишал еден поранешен оперативец, истакнувајќи дека секоја грешка би можела да има катастрофални последици.


Ниту извлекувањето на материјалот не би било ништо помалку ризично. За време на евакуацијата, војниците, опремата и нуклеарниот материјал би биле изложени на потенцијални ирански напади додека се повлекуваат низ непријателскиот воздушен простор.

За разлика од претходните операции, како што беше ликвидацијата на Осама бин Ладен, кои траеја само неколку часа, оваа, дури и во оптимални услови, би можела да трае со недели.

Експертите дополнително предупредуваат дека денес постои многу ограничен број војници специјализирани за вакви задачи, а нивото на подготвеност за операции за преземање нуклеарен материјал значително опаднало по завршувањето на Студената војна, заклучува Вашингтон Пост.