На наставниците во Велика Британија минатата година им биле исплатени повеќе од 17 милиони евра отштета поради повреди на работа, вклучувајќи напади од ученици и лоши услови во училиштата, покажало истражувањето на синдикатот „NASUWT“.
Податоците биле претставени во пресрет на годишната конференција на синдикатот, додека на собирот на Националниот синдикат за образование (NEU) во Брајтон наставниците предупредиле на растечко насилство и проблеми со дисциплината во училиштата.
Немаат доволно кадар и ресурси
Според нивните наводи, наставниците биле удирани со тупаници, клоцани и плукани, а еден наставник бил соборен на под и клоцан дури 14 пати.
Наставниците тврдат дека училиштата немаат доволно кадар и ресурси за рано реагирање во потенцијално опасни ситуации.
Во поединечни случаи биле исплатени и шестцифрени отштети.
„Со години ги трпат последиците и притисоците“
Еден наставник бил повреден кога ученик фрлил столче кон него, по што и физички го нападнал, што довело до сериозни физички и психички повреди.
Друг наставник добил отштета откако се заразил со лептоспироза поради наезда на стаорци во училиштето, додека во друг случај наставник добил петцифрен надомест по повреда кога табла паднала врз него.
Генералниот секретар на синдикатот „NASUWT“, Мет Врек, изјавил дека многу наставници „со месеци или години ги трпат последиците од повредите и психолошкиот притисок“, а некои поради тоа повеќе не можат да се вратат на работа во наставата.

Синдикатот „NEU“ најави покренување национална анкета за да се соберат податоци за обемот на проблемот со насилството и лошото однесување на учениците во училиштата како и да се започне кампања за негово намалување.













