Постои можност под пирамидите во Гиза да се наоѓа уште една Сфинга, на што укажуваат сателитски радарски снимки што откриваат огромна структура под песокот, тврди истражувачот Филипо Бионди.
Бионди во американскиот поткаст „Matt Beall Limitless“ изјавил дека најважниот доказ за таа претпоставка е „Стелата на сонот“, розова гранитна плоча тешка 15 тони, која се наоѓа меѓу предните шепи на Сфингата — огромна камена фигура на лав со човечко лице, што ја подигнал египетскиот фараон Тутмос IV околу 1401 година пред нашата ера, пренесе денеска „Билд“.
Тутмос IV ја поставил стелата меѓу предните шепи на Сфингата за да го легитимира своето владеење, по сон во кој Сфингата му го ветила египетскиот престол ако го расчисти пустинскиот песок што се насобрал околу камената фигура на лавот, која се наоѓа пред трите големи пирамиди.

Бионди рекол дека на „Стелата на сонот“ се прикажани две фигури на Сфингата, а не само една, и дека тој верува оти тоа не е симбол, туку доказ за постоењето на уште еден таков споменик.
Пред повеќе од десет години, египтологот Басам ел Шама изнел слична теорија, повикувајќи се на древни записи што опишуваат удари од гром во Сфингата, но поранешниот египетски министер за антиквитети Захи Хавас ги отфрлил тврдењата на Ел Шама, наведувајќи дека подрачјето веќе било опсежно ископувано и дека не биле пронајдени никакви докази во таа насока.

За да ја потврди оваа хипотеза, Бионди користел сателитска радарска технологија за испитување на тлото, која покажала дека под наслагата од збиен песок се наоѓа масивна структура со зачудувачка симетрија во однос на прочуената Сфинга.
„Оваа мала планина е висока околу 33 метри. Постои неверојатна симетрија меѓу првата и втората Сфинга“, изјавил Бионди.
Тој нагласил дека на самото место се неопходни истражувања со геолози пред да може да се извлечат какви било конечни заклучоци, а неговиот тим подготвил формален предлог-проект за поднесување до египетските власти.
Оригиналната Сфинга лежи во плитко вдлабнување под површината на висорамнината на платото Гиза, а првичните скенирања откриле вертикални шахти и премини под неа.

Минатата година тимот на Бионди изнел тврдење дека открил масивни подземни структури под Гиза, но тврдењата за големи, скриени структури под пирамидите сè уште не се признаени од стручната јавност, не се потврдени со археолошки ископувања и често се сметаат за преувеличени.










