Конфузија предизвикаа медиумски известувања дека првата дама на САД, Меланија Трамп ја именувала Северна Македонија како Македонија на Глобален самит во Белата куќа, по што реагирала грчката амбасада во Вашингтон.
Редоследот на настаните всушност е обратен. Под наслов „Грчката амбасада во Вашингтон го коригираше говорот на Меланија Трамп“, медиумите од соседството објаснуваат дека токму навремената интервенција на грчкиот амбасадор спречила да се случи таква дипломатска грешка, пишува „Дојче веле“.
Тие објавуваат факсимил од подготвениот говор на првата дама на САД, каде се гледа дека било планирано таа да им посака добредојде на претставнички од 45 земји наведени по азбучен ред, меѓу кои и на Македонија, на форумот претставена од Рози Мицкоска, сопругата на македонскиот премиер. Но, тоа било брзо коригирано.
„Со оглед на тоа што, според ова толкување, терминот „Македонија“ се однесува исклучиво на историскиот и географски грчки регион, неговата употреба како име за друга држава се смета за чувствително дипломатско прашање. Согласно принципот erga omnes од Преспанскиот договор, соседната држава треба да се именува како „Северна Македонија“ во сите официјални и јавни контексти“, пишува „Greek Reporter“.

Како одговор, грчките дипломати стапиле во контакт со надлежните институции со цел официјалните записи и идните комуникации да ја одразуваат правилната терминологија. Амбасадата појасни дека употребата на името „Македонија“ за суверената држава во Скопје не само што ги занемарува меѓународните договори, туку создава и регионална забуна во однос на грчкиот културен идентитет, пренесува грчкиот портал.
На самитот во Вашингтон што го организира првата дама на САД, Меланија Трамп, учествува и сопругата на македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, Рози Мицкоска. Како што соопштија од владината прес-служба, сопругата на премиерот остварила краток разговор и разменила мислења и со Меланија Трамп и со првата дама на Франција, Брижит Макрон.












