„Euronews“: Златните визи во Европа се и натаму достапни - каде може да добиете право на престој за помалку од цена на стан?

Точка

26/03/2026

19:22

654

Големина на фонт

а а а

Додека некои држави ги укинуваат програмите за златна виза, други и натаму ги нудат по изненадувачки пристапни услови, доволно е вложување кое често е пониско од цена на просечна недвижнина.

Додека некои земји, како Шпанија, ги заострија правилата или ги укинаа програмите „златна виза“, други, како Унгарија и Кипар и натаму ја нудат оваа можност по цена пониска од просечна куќа во Велика Британија.

Геополитичките промени, растот на трошоците за живот и измените во законите ширум светот, наведуваат многу од луѓето да размислуваат за селење, особено во Европа.

За тоа дополнително придонесува и скокот на цените на недвижнини, просечна куќа во Велика Британија денес чини околу 301.000 фунти (околу 347.000 евра), поради што многумина бараат подобра вредност за своите пари.


Сепак, добивањето долгорочна виза и дозвола за престој во поголем дел од земјите од ЕУ и натаму е комплицирано, скапо и долготрајно.

Токму затоа „златните визи“ со години се популарен начин да се дојде до престој, особено за имотни поединци.

Тие овозможуваат да си „купите“ престој низ значајни вложувања, најчесто во недвижнини, а во некои случаи не било ни задолжително постојано да живеете во таа земја.

Меѓутоа, во последниве години правилата се заостриле.

На пример, Шпанија во 2025 година ја укина програмата за добивање златна виза преку купување недвижнини, што дополнително го отежнало пристапот до тие програми.

Експертите истакнуваат дека мотивацијата на луѓето се сменила. Денес златната виза повеќе не е само симбол за луксуз или поседување куќи за одмор туку начин да се обезбеди поголема сигурност и флексибилност во нестабилни глобални околности, односно своевидна „резервна опција“ за иднината.


Каде златните визи сѐ уште се достапни?

Унгарија во последниве години стана многу популарна благодарение на програмата за странски инвеститори.

Со вложување најмалку 250.000 евра може да добиете престој од 10 години којшто може да ви се продолжи. Оваа опција е флексибилна затоа што не бара задолжителен престој во земјата, а ги опфаќа и членовите од семејството.

Грција и натаму нуди златна виза, иако цените во популарните подрачја значително се зголемиле. Сепак, постојат опции за вложување од 250.000 евра, како обнова на историски објекти или пренасочување на деловен простор во станбен.

Кирап нуди постојан престој со вложување на најмалку 300.000 евра во недвижнини, фондови или компании. Програмата е активна поради стабилниот правен систем и релативно ниските трошоци за живеење.


Италија ги привлекува инвеститорите со различни опции, од вложување во стартапи до државни работи. Минималниот износ почнува од 250.000 евра, а престојот може да се продолжува и да води кон државјанство.

Португалија ја укина можноста за вложување во недвижнини, но и натаму нуди други опции, како вложување во културата, фондовите или истражувањето. Една од попристапните варијанти подразбира вложување од 250.000 евра во културни проекти.

На што треба да се обрне внимание?

Иако златните визи делуваат примамливо, важно е да се знае дека почетната инвестиција не е единствениот трошок - дополнителните трошоци вклучуваат данок, правни услуги и осигурување.

Исто така постои разлика меѓу статусот за престој и даночниот престој, што може да има големи финансиски последици.


Поради честите промени на законот, клучно е да се провери дали правата на инвеститорите се заштитени во иднина, дури и доколку правилата за нови подносители бараат промени.

Без оглед на предизвиците, златните визи и натаму остануваат еден од најбрзите начини за добивање престој во Европа, но со внимателно планирање и добра информираност.

Извор: „Euronews“