Новото годишно време и потоплото време често нè поттикнуваат да ја освежиме гардеробата, но додека полека се збогуваме со капутите и тешките чизми, се поставува прашањето што навистина сакаме да носиме. Ако ланските пролетни комбинации ви изгледаат застарено, можеби сте во искушение сè да отфрлите и да почнете од почеток.
За среќа, не мора да се откажете од старата облека за да внесете свежина во својот стил. Големи се шансите во плакарот веќе да имате многу скриени модни бисери совршени за оваа сезона, а сè што ви треба е малку креативност за да им дадете нов живот. Ви пренесуваме седум совети од стилистка за тоа како да внесете пролетна инспирација во постојната гардероба, пишува „Byrdie“.
Првиот чекор ако сте западнале во модна рутина е големо средување на плакарот. Почнете така што ќе извадите сè и добро ќе прегледате. Можеби ќе се изненадите од тоа што ќе го пронајдете: чевли купени пред неколку години на кои сте заборавиле или јакна што сте ја обожавале, но ѝ е потребна поправка. Поминете низ сите парчиња и одлучете што да задржите, од што да се ослободите, а на што конечно да му посветите малку внимание.

„Најдобриот начин да продолжите напред со вашата гардероба секогаш е проценката“, вели стилистката Лакин Карлтон. „Извадете сè и повторно запознајте се со своите модни парчиња. Пробајте ја облеката, поправете го тоа што може да се поправи и освежете го она што треба да се исчисти“, додала таа.
Живееме во ера на опседнатост со носталгијата, што е одлична вест ако сте зачувале некои парчиња доволно долго за повторно да станат модерни. Ако некаде во плакарот имате стара блуза со „Петар Пан“ јака, чантичка со животински дезен или популарна зелена јакна од 2016 година, имате среќа. Сето тоа повторно се врати во мода, па сега е идеално време да погледнете во минатото и да оживеете некои стари омилени парчиња.
Модата е циклична и ако нешто чувате доволно долго, со време тоа повторно ќе стане популарно. Тоа не значи дека треба да чувате баш сè, но паметно е да ги задржите парчињата што навистина ги сакате.
Разликата меѓу носење и стилизирањеМожеби се сеќавате на ТикТок-трендот што ја истакнуваше разликата меѓу „носење“ и „стилизирање“ облека. Идејата е да се премине од обично облекување кон промислено составување комбинации, често со додавање само еден или два внимателно избрани детали. Иако звучи едноставно, Карлтон истакнала дека токму тоа е најголемата пречка за некои од нејзините клиенти.
„Понекогаш, дури и кога некој има идеи како би можел да носи нешто на нов начин, се двоуми тоа и да го испроба“, објаснила таа. „А и ако облече нешто само за да види како стои, често застанува чекор пред тоа навистина и да го стилизира“, додала.
Додека го освежувате плакарот, обидете се да ја стилизирате постојната облека имајќи ги предвид поновите трендови. Носете предимензионирана кошула како фустан, искористете свилена марама како топ или спојте макси-здолниште со омилениот џемпер.
„Играњето е навистина, навистина важно“, нагласила Карлтон.
Пролетта може да биде непредвидлива поради променливото време, особено во раните месеци. Во еден момент може да биде студено и дождливо, а веќе во следниот сончево. Слоевитото облекување ќе ви помогне полесно да се справите со промените на температурата, но може да отклучи и нов стилски потенцијал.
Не плашете се да експериментирате со неочекувани комбинации. Пробајте маичка со ретро-принт врз лесен летен фустан, маичка без ракави врз тесна блуза со ракави – трендот на двојни слоеви се врати – или шарени хулахопки со неутрално здолниште и јакна. Добро осмисленото слоевито облекување може да додаде боја, текстура и личен печат на вашата комбинација, правејќи ја сосема нова.

Играњето со пропорции и текстури може вашата пролетна гардероба да ја претвори од здодевна во инспиративна. Тоа е особено точно оваа сезона, бидејќи во тренд се впечатливи текстури како реси, велур и пердуви. Неочекуваните силуети и комбинации на бои исто така можат целосно да го преобразат вашиот изглед.
„Кога си играте со облекувањето и испробувате нови комбинации, документирајте го тоа“, предлага Карлтон. „Користете дигитална апликација за гардероба или, уште подобро, едноставно фотографирајте се“, додала таа. Замислете го тоа како модерна верзија на култниот плакар на Шер Хоровиц од филмот „Девојките од Беверли Хилс“,
Додавањето модни додатоци е еден од најлесните начини да „вдахнете нов живот“ на некоја модна комбинација. Ако вашиот тековен избор на облека ви изгледа малку монотоно, размислете за нови модни додатоци. Брошевите и марамите повторно се вратија во мода, а тоа се едноставни начини да го подигнете изгледот.

Можете да ги користите и на уникатни начини, како носење свилена марама наместо ремен или прикачување неколку брошеви на обична кошула. Не плашете се ни од комбинирање повеќе парчиња – носење неколку ѓердани, редење прстени или дури комбинирање два ремени може значително да ја збогати комбинацијата.
Ако сакате да им „вдахнете нов живот“ на вашите постари парчиња облека, бидете креативни и претворете ги во нешто ново. Ако веќе размислувате да се ослободите од некое парче, Карлтон препорачува прво да се обидете да го преобликувате, „на пример, со замена на копчињата или со боење“. Ова е брз начин да испробате нови трендови без да трошите пари и без да го натрупувате плакарот.