Објавен е новиот „World Happiness Report“ за 2026 година, а светот повторно има ист победник.
Финска деветти пат по ред е прогласена за најсреќна земја во светот и го потврди статусот на општество кое многумина го сметаат за пример за квалитет на животот.
За каков вид на истражување се работи?
Секоја година објавувањето на овој извештај предизвикува голем интерес кај јавноста, но и кај експертите кои се обидуваат да разберат што навистина ги прави луѓето среќни. Истражувањето го објавува „Oxford Wellbeing Research Centre“ во соработка со глобалната аналитичка платформа „Gallup“ и Обединетите нации, а се базира на едно едноставно прашање.

Имено, граѓаните од околу 140 земји го оценуваат својот живот на скала од најлошиот можен до најдобриот можен. Овој метод, познат како Кантрилова скала, им овозможува на луѓето сами да дефинираат што им е најважно, без оглед на културата, традицијата или животните околности.
Финска е прва, а по неа следуваат Исланд и Данска
Токму Финска повторно постигна најдобар резултат и го освои првото место со оценка 7,7. Иако многумина сметаат дека среќатазависи најмногу од економските показатели, нордиската земја со години покажува дека клучни се и други фактори. Високото ниво на доверба во институциите, силната социјална сигурност, квалитетното образование, рамнотежата помеѓу работа и приватен живот и близината на природата често се наведуваат како причини поради кои Финците доследно ја предводат оваа ранг-листа.

Веднаш зад Финска се сместија Исланд и Данска, кои годинава си ги размениле местата во однос на претходното издание. Големо изненадување претставува Костарика, која првпат влегува меѓу петте најсреќни земји во светот, додека Шведска го зазеде петтото место. Овој редослед ја потврдува доминацијата на северна Европа, но и покажува дека и други региони во светот постепено се приближуваат кон врвот благодарение на социјалните реформи и подобриот квалитет на живот.
Македонија стои најлошо на оваа скала во споредба со соседните и балканските земји
Особено е интересно да се разгледаат резултатите во нашиот регионален контекст, бидејќи тие откриваат многу разновидна слика за квалитетот на животот и перцепцијата на среќата меѓу жителите на Балканот и соседните земји. Разликите се прилично изразени. Имено, најдобро пласирано е Косово, кое се најде на високо 16-то место, што претставува еден од најинтересните резултати на овој годишен извештај. Словенија исто така се наоѓа многу високо, на 18-то место.

Србија го зазеде 30-то место и се смести во средината на скалата, додека Босна и Херцеговина го држи 47-то место. Црна Гора е на 60-то место, Хрватска е рангирана на 70-то место на светската скала, додека Македонија е убедливо на најлошата позиција во регионот – 82 место.

„World Happiness Report“ од година во година покажува дека среќата не е само прашање на материјален стандард, туку и на меѓучовечки односи, доверба, слобода и чувство на смисла. Затоа, резултатите од ова истражување не претставуваат само интересна статистика, туку и вреден увид во тоа како луѓето ширум светот ги доживуваат своите животи. На оваа скала ние Македонците не постигнавме резултат за паметење, но новата можност ќе пристигне веќе следната година!














