Столе Димитриевски во најдобро можно расположение ќе и се приклучи на македонската фудбалска репрезентација во пресрет на баражот за Светско првенство, бидејќи заедно со своите соиграчи од Валенсија се израдува на голема победа на жешкото гостување на „Рамон Санчес Писхуан“.
Уго Дуро и Рамазани беа задолжени за постигнување на голови во шпанското дерби, додека Столе беше задолжен за сочувување на својата мрежа, иако беше сериозно тестиран во самата завршница.
На натпревар на кој Валенсија одигра речиси перфектна одбрана, Димитриевски немаше премногу работа, но еден од двата удари кои беа испратени кон неговиот гол пристигна во самата завршница.
Менди испрати исклучително силен и непријатен удар кон голот на Валенсија, но кога многумина ја видоа топката во мрежа, на сцена стапи македонскиот пантер.
Столе постави ѕид пред својот гол и со страшна интервенција ја расчисти опасноста, по што и бурно прослави кога клекна на земја.
Македонскиот чувар на мрежата доби честитки од своите соиграчи, но му се поклони и Ла Лига за една од одбраните на сезоната во шпанското првенство.














