„Honda“ официјално потврди дека го прекинува развојот и планираното претставување на три клучни електрични модели кои беа предвидени за производство во САД.
Се очекува компанијата, по драматичниот пресврт во стратегијата, да забележи рекордна финансиска загуба од околу 15,7 милијарди долари, а станува збор за возила кои беа централен дел од новата „0 Series“ на „Honda“, која за првпат беше претставена како прототип на саемот „CES 2025“ во Лас Вегас.
Во прашање се моделите „Honda 0 Series Saloon“ и новото „SUV“ возило од оваа серија, како и моделот „Acura RSX“. „Заклучивме дека започнувањето на производството на овие три модели во моменталното деловно опкружување, каде што побарувачката за електрични возила значително опаѓа, најверојатно би довело до уште поголеми долгорочни загуби“, наведоа од „Honda“ на својата веб-страница.

Укинувањето на „Honda 0 Series“ уште пред да заживее се смета за едно од најголемите стратешки повлекувања во модерната историја на автомобилската индустрија, бидејќи моделите беа откажани во фаза кога веќе беа речиси подготвени за сериско производство.
Јапонската компанија во соопштението наведе неколку клучни фактори за оваа одлука, меѓу кои и промената на политиките во Соединетите Американски Држави, односно ублажувањето на еколошките регулативи за возилата со внатрешно согорување и укинувањето на федералните субвенции од 7.500 долари за купување електрични возила.

Дополнително, новите увозни и трговски бариери негативно влијаеле врз профитабилноста на хибридниот дел од бизнисот на „Honda“, кој требаше да го финансира преминот кон електрични возила.
„Honda“ сега се насочува кон зајакнување на својата хибридна линија, вклучувајќи развој на нов „V6“ хибриден погон за своите најголеми модели. Развојот на електрични возила не е целосно укинат, но е одложен за подалечна иднина, додека во блиска перспектива фокусот ќе биде пренасочен кон пазари во развој, како што е Индија.











