Финска и годинава е прогласена за најсреќна земја на светот – деветти пат по ред, соопшти Центарот за истражување на благосостојба на Универзитетот во Оксфорд којшто го објави најновиот извештај за светската среќа.
Како што се наведува, најновиот извештај за светска среќа дава увид во состојбата на задоволство и перципиран квалитет на живот на луѓето ширум светот.


Објавена листа
Втора земја на листата е Исланд, а следат Данска, Костарика и Шведска. Меѓу првите десет се и Норвешка, Холандија, Израел, Луксембург и Швајцарија.
На листата има вкупно 147 земји, а на дното од истата се најде Авганистан.
Листата се објавува секоја година околу Меѓународниот ден на среќата којшто се одбележува на 20 март, а го составуваат интердисциплиниран тим под водство на Центарот за истражување на благосостојбата на Универзитетот во Оксфорд.

Тој го проценува задоволството на животот на луѓето и квалитетот на животот врз основа на фактори кои вклучуваат економски резултати, здравје, слобода, великодушност и перцепција на корупција.
Што се однесува до земјите од поранешна Југославија, Македонија се најде на 82 место, Словенија на 18, Босна и Херцеговина на 47, Црна Гора на 60, Србија на 30, Хрватска на 70 место.










