[ФОТО] Шон Пен ги пропушти Оскарите за да отпатува за Украина, таму му доделија симболичен Оскар: „Не можевме да го оставиме нашиот пријател без признание“

Точка

18/03/2026

20:29

368

Големина на фонт

а а а

Американскиот актер Шон Пен оваа година не присуствуваше на церемонијата на Оскарите бидејќи беше во Украина каде што се сретна со претседателот Володимир Зеленски. Во врска со тоа, во Украина му доделија симболичен Оскар, кој е направен од железо.

Пен беше награден за улогата на полковник Локџо во филмот „One Battle After Another“ на режисерот Пол Томас Андерсон, кој воедно ја освои и наградата за најдобар филм. Ова е трет Оскар во кариерата на актерот, по признанијата за филмовите „Mystic River“ и „Milk“.

Иако не беше присутен на доделувањето на наградите во „Dolby Theatre“, Пен сепак доби симболично признание во Украина. Во видеото што на социјалните мрежи го сподели извршниот директор на Украинските железници, Олександр Перцовски, на актерот му бил врачен т.н. „IronOscar“.

„Шон Пен се одлучи за патување во Украина наместо да оди на доделувањето на Оскарите, каде што му беше доделена неговата трета награда. Не можевме да го оставиме нашиот голем пријател и верен патник на украинските железници без признание, па во име на сите нас му го врачив нашиот ‘IronOscar’“, напиша Перцовски.

Перцовски во видеото истакна дека Пен ги пропушта Оскарите, па тие одлучиле да му направат метална статуетка од вагони кои биле оштетени од Русите.

„Тоа значи твоето присуство тука. Ги пропушташ Оскарите, па ти го направивме овој. Ова е од вагони кои ги оштетија Русите. Металот преживеа, така што ни е многу посебен. Не е златен, но е многу вистински и од дното на нашите срца“, рече тој.


Шон Пен кратко се заблагодари, велејќи дека сето тоа се богатства.

На наградата е врежана пораката: „Ова железо некогаш однесе милиони луѓе од војната. Потоа дојде руска ракета. Не го претопивме во оружје. Го исковавме како знак на благодарност за вас. За вашиот талент. За вашата храброст да стоите покрај Украина“.

Поддршка на актерот јавно му упати и претседателот Володимир Зеленски, кој на социјалната мрежа „X“ објави заедничка фотографија.

„Шон, благодарение на тебе, знаеме што е вистински пријател на Украина. Со Украина си од првиот ден на војната од големи размери. Тоа важи и денес и знаеме дека и понатаму ќе бидеш покрај нашата земја и нашиот народ“, напиша Зеленски.

Покрај Оскарот, Пен за истата улога освои и награди на доделувањата „BAFTA“ и „Actor Awards“, но ниту на тие церемонии не присуствуваше. За време на самото доделување на Оскарите, неговата победа ја објави минатогодишниот добитник Киран Калкин, кој притоа се пошегува.

„Шон Пен не можеше да биде тука вечерва или не сакаше, па јас ќе ја примам наградата во негово име“, порача Калкин.