Дали Словенецот со мамење поставил рекорд? Полјаците изнесоа доказ – еве што се случило

Точка

03/03/2026

11:13

1.398

Големина на фонт

а а а

Домен Превц на скокалницата Кулм во Бад Митерндорф уште еднаш ја потврди доминацијата оваа сезона, а во неделата постави и нов рекорд на скокалницата.

Додека спортскиот свет го слави Словенецот и со нетрпение го очекува натпреварувањето во Лахти, каде што Превц веќе може да го обезбеди Големиот кристален глобус, од Полска пристигнаа обвинувања за мамење, пишува „Ekipa24“.

Полските медиуми кренаа прашина ден по шестата последователна победа на Превц, тврдејќи дека пред рекордниот лет ги прекршил правилата. Своите тврдења ги темелат на снимка од телевизискиот пренос, на која се гледа како Превц, чекајќи го својот настап, ја мести опремата.

Што велат правилата?

Пред летот на Јапонецот Рјоју Кобајаши, камерата на врвот од залетиштето го снимила Превц како го навлекува ракавот од поткошулата преку лактот. Според петтото поглавје од правилата, кое се однесува на долната облека, во точка 5.2 стои дека ракавот од поткошулата под комбинезонот не смее да го преминува лактот.

Полјаците нагласуваат дека навлекувањето на ракавот преку лактот е забрането бидејќи таквиот потег може да му помогне на натпреварувачот во летот. Како што наведуваат, тоа овозможува материјалот правилно да се распореди и да влијае врз положбата на оделото. Тврдат дека станува збор за недозволена манипулација со опремата, а спорниот момент се случил пет минути пред неговиот лет и непосредно пред контролата.

Одговорот на контролорот на опрема

За појаснување, полските новинари му се обратиле на контролорот на опрема на натпреварувањето, поранешниот австриски ски-скокач Матијас Хафеле. Тој изјавил дека го видел спорниот момент на телевизија.

„Го прегледавме пред настапот и утврдивме дека со неговата долна облека сè е во ред. И по летот повторно го прегледавме и сè беше вообичаено“, изјави Хафеле.

На прашањето за самиот чин на навлекување на ракавот што го забележала камерата, Хафеле не потврдил дека станува збор за прекршок.

“Во правилата нема дефиниција за таков потег“, заклучи тој.

Рекордот

Да потсетиме, Превц во неделата оствари уште една импресивна победа во Светскиот куп, негова 13-та оваа сезона, а ја заокружи со нов рекорд на скокалницата во австрискиот Кулм, слетувајќи во финалната серија на 245,5 метри. Во првата серија доскона на 238 метри, а потоа изведе и рекорден лет.

Со тоа за 1,5 метри го надмина претходниот рекорд, кој десет години беше во сопственост на неговиот постар брат Петер Превц.