Босанскиот актер Сенад Башиќ (63), на публиката најпознат како Фарук Фазлиновиќ од култната серија „Луд, збунет, нормален“, повторно ѝ се обрати на јавноста по подолг период. Иако се соочува со сериозни здравствени предизвици, тој продолжува активно да работи и да предава глума.
Овој актер е дел од актерската екипа што ја игра најдолговечната претстава во Босна и Херцеговина. Станува збор за комедијата „Умри машки“, настаната во 1990 година, која овој Ден на вљубените прослави 36 години изведување.
Комедијата за машко-женските односи и понатаму без проблем ја полни салата на „Камерни театар 55“, потврдувајќи го статусот на култна претстава која со децении ја освојува публиката. Покрај Башиќ, во претставата играат и Тамара Шојиќ, на публиката попозната како келнерката Марија од серијата „Луд, збунет, нормален“, како и Адмир Гламочак. Башиќ веќе извесно време го заменува колегата Ермин Браво, поради неговата нарушена здравствена состојба.
Башиќ е еден од најомилените актери во БиХ, а за здравствените проблеми проговори во летото 2024 година. „Имав сериозни здравствени проблеми и сè уште сум на терапии. Имав три операции на гласните жици, една во Загреб и две во Сараево. Така што моето здравје е нарушено, но со оглед на 62 години и на сè што поминав во кариерата и колку играв за време и по војната, можам само да кажам ‘фала му на Бога што сум жив’“, изјавил тој за „Нова БХ телевизија“.
„Брзо закрепнување, људино“
Иако извесно време не се огласуваше на социјалните мрежи, Сенад Башиќ деновиве се јави преку Инстаграм. Во објавата ги повика следбениците во театар, но и стави до знаење дека, и покрај здравствените предизвици, продолжува да ги исполнува своите професионални обврски.
Имено, Башиќ е редовен професор на Академија за сценски уметности при Универзитет во Сараево, каде што предава глума и активно работи со младите генерации уметници.
Поддршката не престанува да му пристигнува ниту од виртуелниот свет. „Духовит и кога е болен, брзо закрепнување, људино“, „Ти посакувам брзо закрепнување. Глумечка легенда што го одбележа моето детство во 90-тите“, „Не се давај, Сенаде“, „Легендо, чувај се!“, „Биди ми жив и здрав уште сто години“, се само дел од пораките што му ги оставаат следбениците.











