Нетфликс објави прв тизер за долгоочекуваната серија „Гордост и предрасуди“, во која Ема Корин ја толкува Елизабет Бенет, а Џек Лоуден го игра господинот Дарси. Сценариото за серијата од шест епизоди, која ќе се емитува оваа есен, го напиша авторката Доли Алдертон, позната по наградуваниот мемоар „Everything I Know About Love“.
Краткиот тизер, објавен во вторник, ја прикажува Елизабет како гледа во залезот на сонцето, додека во позадина се слуша галоп на коњ, а завршува со доаѓањето на господинот Дарси.
Покрај Корин и Лоуден, во актерската екипа се: Оливија Колман како госпоѓа Бенет, Руфус Севел како господин Бенет и Фреја Мавор како Џејн Бенет.
Во останатите улоги се: Џејми Деметриу како господин Колинс, Дарил Мекормак како господин Бингли, Луис Партиџ како господин Викем, Реа Норвуд како Лидија Бенет, Сиена Кели како Керолайн Бингли, Фиона Шо како лејди Кетрин де Бур, Хоупи Пери како Мери Бенет и Холи Ејвери како Кити Бенет.
Извршни продуценти се Лаура Ланкастер, Вил Џонстон и Луиз Метер, како и Алдертон, Лин и Корин, додека продуцентка е Лиса Озборн.
Нова адаптација на омилениот класик

„Еднаш во генерација, група луѓе добива можност повторно да ја раскаже оваа приказна и се чувствувам исклучително среќна што сум дел од тоа“, изјави Олдертон за „Tudum“.
„Гордост и предрасуда од Џејн Остин е темелот на секоја романтична комедија – вистинско задоволство беше повторно да нурнеме во нејзините страници за да пронајдеме и познати и свежи начини да ја оживееме оваа омилена книга.“
„Со Еурос Лин на чело на нашата ѕвездена актерска екипа, со нетрпение очекувам повторно да им ги претставиме овие духовити и сложени ликови на оние што ‘Гордост и предрасуда’ ја сметаат за своја омилена книга, како и на оние што допрва треба да ги запознаат својата Лизи и господинот Дарси.“
Обожавателите поделени
Бидејќи станува збор за нова играна адаптација на дело кое веќе повеќепати било екранизирано, реакциите на социјалните мрежи се поделени. Многумина ја споредуваат верзијата на Netflix со серијата на Би-Би-Си од 1995 година, во која главните улоги ги толкуваа Џенифер Ел и Колин Фирт, како и со филмот од 2005 година, во кој глумеа Кира Најтли и Метју Макфејден.

Еден коментатор на Јутјуб напиша: „Ах, одлично. Веќе почнав да се грижам дека нема да добиеме 50-та адаптација на оваа приказна“, додека друг додаде: „Ова изгледа како „Temu“ верзија на филмот од 2005.“
Еден корисник на Твитер наведе дека ги гледал сите адаптации, вклучително и црно-белата верзија од 1940-тите со Лоренс Оливие и Грир Гарсон, но дека мини-серијата од 1995 година и понатаму му е најдобра и најверна на книгата.










