Може ли науката да одлучи кој е најдобриот актер на сите времиња? Токму тоа прашање го отвора списанието „Фар аут“, повикувајќи се на истражување што се обидува да ја измери актерската величина преку податоци, рангирања и награди.
Авторот на анализата, Даниел Парис, креирал методологија што комбинира три клучни параметри: онлајн рејтинзи од платфомите ИМДб, Ротен томејтос и Летербоксд, комерцијалниот успех на филмовите на бокс-офисот и резултатите од доделувањата на Оскарите. Иако уметничкиот впечаток не може целосно да се сведе на бројки, студијата сепак понудила конкретен исход – тројца актери ја делат титулата „најдобар на сите времиња“.

Првиот е Леонардо Дикаприо. Неговата филмографија вклучува некои од најгледаните и највисоко оценетите филмови во последните три децении, меѓу кои „Титаник“ (Titanic), „Почеток“ (Inception) и „Волкот од Волстрит“ (The Wolf of Wall Street). Иако со години беше перцепиран како актер што често е номиниран, а ретко наградуван, Дикаприо досега има освоено еден Оскар за најдобар актер, додека проектите во кои учествувал бележат десетици номинации и награди.

Вториот на листата е Пол Њуман. Тој остави силен печат со улогите во „Буч Кесиди и Санденс Кид“ (Butch Cassidy and the Sundance Kid), „Измамата“ (The Sting) и „Пресудата“ (The Verdict). Покрај критичкото признание, неговите филмови постигнаа и значаен комерцијален успех, што според методологијата на студијата го позиционира во самиот врв.

Третиот актер што ја дели титулата е Ал Пачино. Оваа филмска ѕвезда е еден од највлијателните актери во модерната кинематографија, со незаборавни улоги во „Кумот“ (The Godfather), „Лице со лузна“ (Scarface) и „Жештина“ (Heat). Како и Дикаприо, и тој има освоено еден Оскар за најдобар актер – за „Мирис на жена“ (Scent of a Woman) во 1993 година.
Интересно е што, иако листата е доминирана од машки имиња, блиску до финалниот избор биле и Мерил Стрип, Ема Томпсон, Роберт Дауни џуниор и Марлон Брандо.










