Министерството за дигитална трансформација успешно ја заокружи првата етапа од соработката со Академијата за е-управување (e-Governance Academy – EGA), во рамки на иницијативата „EU Support to Western Balkans Cybersecurity Capacity Building“, финансирана од Европската Унија.
Министерот за дигитална трансформација, Андоновски, во своето обраќање истакна дека проектот претставува силен пример за тоа како партнерството со ЕУ носи конкретни резултати за државата, преку зајакнување на националните капацитети за сајбер-безбедност и унапредување на отпорноста на институциите.
„Како финална фаза од проектот беше донацијата во опрема со вредност од 149.921,20 евра со која се зајакнуваат оперативните капацитети на GOV-CSIRT и се унапредува заштитата на државните институции и критичната дигитална инфраструктура. Ова значи побрза детекција на закани, поефикасен одговор на инциденти и поголема отпорност на сајбер-напади. Оваа донација е комплементарна со инвестициите на Министерството од повеќе од 1,5 милиони евра во целосно опремување на Владиниот ЦИРТ“, изјави министерот Андоновски.
Министерот упати благодарност до Европската Унија за континуираната поддршка, како и до институциите и експертите вклучени во имплементацијата на активностите, при што нагласи дека ваквиот модел на соработка е пример за ефикасен меѓународен проект насочен кон реални и мерливи резултати.
Паралелно со зајакнувањето на сајбер-безбедноста, Министерството активно работи и на иницијативата „Роаминг како дома“, со цел граѓаните и бизнисите од Македонија да користат мобилни услуги во ЕУ без дополнителни трошоци.
„Знаете дека паралелно со зајакнувањето на сајбер-безбедноста, активно работиме и на иницијативата „Роаминг како дома“, со цел граѓаните и бизнисите од Македонија да користат мобилни услуги во ЕУ без дополнителни трошоци. Информацијата од Европската комисија од вчера покажува дека процесот е жив и ние сме вклучени во неговата реализација. Како Влада веќе го утврдивме и текстот на последниот Закон за усогласување со што, како што ветивме, ќе бидеме меѓу првите земји целосно усогласени со барањата за Роаминг како дома“, додаде министерот.
Во рамки на пошироките активности за јакнење на сајбер-отпорноста, тригодишниот проект „Cyber Balkans“, имплементиран од Академијата за е-управување и финансиран од Европската унија, овој месец официјално завршува во Македонија, означувајќи значаен чекор напред во јакнењето на сајбер -отпорноста на земјата.
Проектот беше насочен кон унапредување на сајбер-отпорноста во согласност со европските најдобри практики, со фокус на усогласување на законодавството, градење институционални капацитети, оперативна подготвеност и регионална соработка.
„Европската унија останува посветена на поддршката на Северна Македонија и Западен Балкан во усогласувањето со стандардите на ЕУ за сајбер безбедност“, изјави Михалис Рокас, амбасадор на Европската унија во Северна Македонија.
Како дел од поддршката, проектот придонесе за воспоставување на Владин Центар за безбедносни операции (GSOC) и Тим за одговор на компјутерски инциденти (CIRT), како и за спроведување на високо-ниво вежби на маса (TTX) за тестирање на моделите на управување и механизмите за координација при инциденти. Дополнително, беа подготвени одржлив план за развој на GOV CIRT и мапирање на опремата, со цел насочување на идните инвестиции и обезбедување долгорочен развој на капацитетите.
За зајакнување на техничката инфраструктура и детекцијата на инциденти, проектот ја поддржа и набавката на неопходна опрема за сајбер безбедност и мрежна заштита.
„Сајбер-отпорноста не се гради преку ноќ. Таа бара цврсти правни основи, способни институции и континуирана регионална соработка“, изјави Милан Секулоски, виш експерт во Академијата за е-управување. „Во изминатите три години тесно соработувавме со нашите партнери во Северна Македонија и низ Западен Балкан за да обезбедиме реформите да бидат одржливи, усогласени со стандардите на ЕУ и поддржани со реален оперативен капацитет. Постигнатиот напредок дава силна основа за продолжување на соработката во годините што следат.“
Министерството за дигитална трансформација останува посветено на јакнење на сајбер-безбедноста, на модернизација на дигиталната инфраструктура и на забрзување на дигиталната интеграција со Европската Унија, со јасна цел – сигурна, поврзана и европска дигитална држава.
Европската комисија предложи отворање преговори со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија за укинување на роаминг-надоместоците.
















