Трипуновски: Со новата Програма воведуваме ред и правична распределба на субвенциите

Макфакс

26/02/2026

14:51

143

Големина на фонт

а а а

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на собраниската говорница истакна дека опозицијата шири паника и дезинформации меѓу македонските земјоделци.

„Во изминатите денови сведочиме на класичен модел на политиканство од страна на опозицијата, наместо дебата, се пласираат лаги и манипулации со цел да се создаде хаос во македонскиот аграр“, истакна министерот.

Тој нагласи дека измените во Програмата за директни плаќања за 2026 година не значат кратење на субвенциите, туку воведување ред и правична распределба на средствата што ги обезбедува државата.

„Целта е финансиската поддршка да заврши кај вистинските земјоделци“, појасни министерот Трипуновски.

„Со измените се предвидува зголемување на минималните прифатливи прагови за користење субвенции. И тоа кај овошните и лозовите насади од 0,2 на 0,5 хектари, додека кај житните култури прагот е зголемен на 0,7 хектари. Во сточарството е предвидено минимум три крави, 30 кози, 30 овци и 30 пчелни семејства“, додаде тој.

Министерот појасни дека овие измени нема да се применуваат веднаш. Земјоделците кои моментално не ги исполнуваат новите услови ќе имаат преоден период од две години за да се усогласат.

„Манипулациите дека малите земјоделци ќе останат без субвенции се неточни. Напротив, даваме време и поддршка за нивен раст и окрупнување, со цел поголема рентабилност и зголемено производство“, истакна тој.

Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во делот на примарното земјоделско производство и преработката е евидентиран позитивен биланс, што, како што посочи министерот е дополнителен мотив за реформи во секторот.

Министерот Трипуновски додаде дека една од новините е и обврската најмалку 30% од произведениот род да биде предаден во регистрирани откупни или преработувачки капацитети. Со тоа ќе се спречат злоупотреби од лица кои поседуваат земјиште го даваат под наем, не произведуваат, а користат субвенции.

„Се зајакнува теренската контрола преку вклучување на капацитетите на Државниот инспекторат за земјоделство како поддршка на Платежната агенција. Посебен фокус ќе има кај долгогодишните насади и сточарството“, посочи министерот.

Министерот Трипуновски истакна дека пред и по донесувањето на Програмата, одржани се бројни состаноци со земјоделските здруженија, кои биле информирани за новините и истите ги поздравија.

„Владата останува целосно посветена на развојот на македонскиот аграр“, порача министерот Трипуновски.