На денешната седница за пратенички прашања претседателот на Владата, Христијан Мицкоски беше прашан за актуелната тема во јавноста со апсењето на поранешниот вицепремиер Артан Груби. Мицкоски посочи дека ја разбира вознемиреноста и револтот на јавноста, па дури и коментари од различни етнички заедници, затоа што на граѓаните, како што рече, уште им е свежо сеќавањето како во минатото власта се договарала со правосудството.
„Јас како човек бев најнапаѓаниот политичар од истото ова лице, Артан Груби. Се сеќавате на онаа фамозна реплика во еуфорија и хистерија, позната како „па-па Мицко“. Се сеќавате како на ден Прочка се креваа дронови над семејната куќа на мојата сестра и тој имот се претставуваше како мој скриен имот. Се сеќавате колку пати во јавни изјави од страна на Артан Груби и сите тие кои во тоа време беа дел од Владата предводена од СДСМ, ме напаѓаа мене лично и со ниски страсти и со лаги и со клевети и ад хоминем. Впрочем ден денес од страна на ДУИ и одредени нивни функционери, кои за жал не се тука, главниот таргет сум јас. И сега по некоја чудна логика јас како претседател на Владата излегувам и се договорам со овие кои сакаат да го видат мојот политички, а дел од нив и човечки крај. Мислам дека тука нема никаква логика“, рече премиерот Мицкоски.

Тој потсети дека првичната теза на опозицијата била дека имало договор и Груби бил пуштен, па откако бил уапсен ставот на опозицијата станал дека ДУИ го спасува Мицкоски, за да на крајот од денот кога се случила одлуката на обвинителството и судот кажале дека имало договор помеѓу Мицкоски и Груби.
„Ова беше хронологијата на сите настани и ниту еден нема никаков здрав разум. Само едно можам да заклучам – дека Фројд работи кај нив. Тоа што тие го мислат и тоа што тие го правеле, мислат дека сите ние го правиме. Мислат дека ако тие така фингирале процеси и рушеле влада на времето, преку т.н. обоена револуција, со лаги конструкции, клевети, со фингирани процеси во судството, дека и сега и ние така работиме. Не. Многу е едноставно, бегалецот е обезбеден од органите на редот. Сè понатаму е одлука на друга власт, тоа е судската власт и нема никаква врска со Владата. Но, потсвеста е чудна и сега секој од нив се преиспитува што знае ова лице“, истакна Мицкоски и дополни дека стравот на опозицијата е да не се прошири делото од Лотарија на здравство или на производството на канабис.

„Повеќе го нема Љупчо Коцевски и луѓето околу него, да бидат нивниот последен штит. Сега ќе дојде нов независен обвинител и очекуваме правдата да биде заштитена, а тие на кои совеста им работи, немирни се и тешко спијат, сега велат доаѓа крајот. Фактот е дека лицето е обезбедено и допрва почнува агонијата за поединци. Тоа треба сите да го знаат. Ќе повторам, апсолутно ги разбирам граѓаните кои што се револтирани, апсолутно го поддржувам нивниот револт и емоција, но процесот сам по себе ќе даде одговор. Времето работи на нивна штета. Има една грчка изрека, ‘Големите работи се случуваат во тишина’ и тоа ги мачи“, заклучи премиерот Мицкоски.
















