Иако беше шампион во рингот, Мухамед Али имаше сложен приватен живот, исполнет со љубовни скандали и борби со сопствените демони.
Сè започнало во 1954 година кога велосипедот на младиот Касиус Клеј бил украден. Тој страшно се налутил, го пронашол првиот полицаец што го видел и му рекол дека сака да го „претепа“ оној што е одговорен за кражбата. Се покажало дека полицаецот, момче по име Џо Мартин, истовремено бил и боксерски тренер. Го зел младиот Клеј под своја закрила и од него создал легенда – Мухамед Али.
На почетокот на 1964 година, кога Мухамед Али го победи Сони Листон, тоа вознемири многу луѓе. Сони Листон штотуку го поразил поранешниот шампион Флојд Патерсон, нокаутирајќи го во првата рунда. А Али (тогаш сè уште Касиус Клеј) беше само 22-годишен новајлија.
Во пролетта 1966 година, откако беше одлучено дека Али може да служи војска, боксерскиот шампион се најде на насловните страници ширум светот кога одби да замине во војска. Во тоа време Виетнамската војна сè уште имаше поддршка од многу Американци, а одлуката на Мухамед Али да оди против тоа беше исклучително контроверзна.
Печатот го демонизираше, а медиумите го третираа како предавник и кукавица: „Како да пукам во тие сиромашни луѓе? Само однесете ме во затвор.“

Плати висока цена. Одлуката на Али да оди против мнозинството го чинеше многу. Во пролетта 1967 година му беше одземена титулата во тешка категорија, а откако одби да оди во војска, беше осуден за избегнување воена обврска на пет години затвор. Покрај тоа, му беше забрането да се занимава со бокс речиси четири години, му беше одземен пасошот и не можеше да добие дозвола за бокс никаде на друго место. Така ги жртвуваше најдобрите години од кариерата, што го чинеше милиони долари и го доведе речиси до финансиски колапс.
Поради тешката финансиска ситуација, продолжи да боксува и по пензионирањето, трпејќи удари за кои многумина веруваат дека на крај довеле до Паркинсоновата болест со која живееше последните три децении од својот живот.
Сепак, одлуката на Али не беше залудна. Таа во голема мера го поттикна антивоеното движење од 60-тите, што пак го охрабри Мартин Лутер Кинг уште поактивно да се бори против сегрегацијата.

Поминаа повеќе од пет децении откако боксерот првпат го потресе светот, но тој и натаму останува во срцето и на спортот и на хип-хоп културата што силно ја инспирираше, како и симбол за многу луѓе ширум светот да ја живеат својата вистина и да останат непоколебливи пред тешкотиите.
Кога по три и пол години суспензија од рингот поради избегнување регрутација за време на Виетнамската војна, Мухамед Али се врати во рингот, неговата легендарна повратничка борба беше против Џо Фрејзер и се одржа во Медисон Сквер Гарден во 1971 година.
Сите билети за тој меч беа распродадени за неколку часа, а желбата повторно да се види Али во акција беше толку голема што Френк Синатра мораше да работи како фотограф за списанието „Life Magazine“ за да може да ја следи борбата.
Мухамед Али се смета за еден од најдобрите боксери на сите времиња и, иако неговиот стил беше прилично необичен, неверојатната комбинација од сила и брзина му носеше извонредни резултати.

Денес повеќето луѓе се согласуваат дека Али навистина бил „Најголемиот боксер на сите времиња“.
Освен постигнувањата во рингот, неговата харизма беше магнетна и надвор од арената, па брзо стана еден од најомилените луѓе на планетата.
По освојувањето на првиот златен медал, Мухамед Али влегол во ресторан во Кентаки, гордо носејќи го медалот што со право го освоил во Рим, а келнерката без срам му рекла: „Извини, ние не служиме црнци.“ Тој одговорил: „Во ред е – ни јас не ги јадам!“
На некои им делувал арогантно и вистина е дека цела Америка не била подготвена да го слушне тоа што имал да го каже, па често влегувал во конфликти. Сепак, едно од неговите неспорни достигнувања е што го внесе движењето „Black Power“ во американската јавност.
Набргу откако го победи Листон во зима 1964 година, новиот шампион објави дека го менува своето „робовско име“ Касиус Клеј во моќното – Мухамед Али.

„Знам каде одам и ја знам вистината и не морам да бидам тоа што сакате да бидам“, изјави боксерот на својата прва прес-конференција. „Слободен сум да бидам тоа што сакам.“ Во наредните години, Мухамед Али од боксерски шампион прерасна во симбол и шампион на својот народ.
Сепак, боксерот во приватниот живот имаше и „темна страна“ што не треба да се занемари – беше зависник од секс.
Според неговата втора сопруга Калила Али, со која се ожени во 1967 година, боксерот резервирал хотелски соби за себе и своите љубовници. Таа цело време го знаела тоа. Шампионот имал бројни афери и безброј врски за една ноќ. Всушност, бил толку отворен во врска со своите афери што дури се појавил со една од љубовниците на вечера со претседателот на Филипини.
Тоа било во 1975 година, кога Мухамед Али бил на Филипини подготвувајќи се за третата и последна борба во тешка категорија против Џо Фрејзер. Кога боксерот го пофалил претседателот дека има сопруга со прекрасен изглед, претседателот му возвратил: „И ти исто.“
Но проблемот бил што Мухамед Али не бил таму со сопругата. Бил со 19-годишната Вероника Порче, актерка и манекенка од Калифорнија. Калила, неговата сопруга во тоа време, била дома во Америка. Се подготвувала да отпатува во Манила за да му се придружи, но непосредно пред летот прочитала во весниците за уште едно негово неверство.

Бракот на Али и Калила наскоро завршил, а Али се оженил со Порче, која станала неговата трета сопруга.
Целиот свет знаел за аферите на Мухамед Али, но боксерот никогаш јавно не се извинил. Во интервју од 70-тите за „New York Times“ изјавил: „Имам три или четири пријателки … Можам да видам некоја контроверзија – дали била бела или не … Ова оди предалеку. Ме напаѓаа поради мојата религија. Ме прозиваа за сè и сешто. Но не треба да можат да ме осудуваат затоа што имам девојка.“
Без оглед на однесувањето, Мухамед Али создаде големо семејство – од четири брака има девет деца. Но и покрај тоа што беше семеен човек, секогаш се грижеше да остане, како што велат многумина, прилично егоцентричен и да одржува свој „континуиран круг на жени“.
Боледуваше од Паркинсонова болест, од која почина на 3 јуни 2016 година на 74-годишна возраст. Според лекарот Ферди Пачеко, боксерот почнал да покажува симптоми на когнитивно опаѓање уште на 29 години. Поранешниот шампион веројатно бил погоден околу 200.000 пати во текот на својата 61-годишна кариера, а многумина веруваат дека болеста има врска со тоа.

„Примаше многу повеќе удари од просечен борец, бидејќи како што старееше и стануваше побавен, дел од неговата стратегија беше да им дозволи на противниците да му се приближат“, изјавил авторот на неговите мемоари. „Мислеше дека може да ги исцрпи противниците така што ќе им дозволи да го удираат по главата, а потоа да ги победи во подоцнежните рунди кога ќе се изморени.“
Лекарот Пачеко бил толку загрижен за здравјето на боксерот што му советувал да се повлече уште во 1977 година. Мухамед Али, премногу фокусиран на кариерата и неподготвен да се откаже, го одбил советот.
По тоа, Пачеко поднел оставка како негов лекар, наведувајќи дека е премногу загрижен и дека не сака да гледа како состојбата на неговиот пациент се влошува.
Иако Мухамед Али не бил најдобриот сопруг, бил добар татко и имал девет деца. Сите тие се грижеле за него подоцна во животот додека живеел со Паркинсоновата болест, сè до неговата смрт.

















