„Ова не е луксуз, луѓето очекуваат уметност“: „Gucci“ ги разбесни обожавателите поради новата кампања генерирана со вештачка интелигенција

Точка

25/02/2026

20:42

366

Големина на фонт

а а а

Модната куќа „Gucci“ предизвика низа реакции откако за промоција на претстојната ревија на Модната недела во Милано отворено користеше визуали генерирани со вештачка интелигенција, што збуни, но и налути дел од обожавателите.

Ревијата, закажана за 27 февруари, е од особена важност бидејќи на неа ќе дебитира новиот креативен директор Демна Гвасалија, кој му се приклучи на брендот во 2025 година.

Во низа објави на социјалните мрежи во описите јасно е истакната ознаката „создадено со помош на вештачка интелигенција“. Една од пореалистичните слики прикажува елегантна Италијанка во ресторан, облечена во крзно и со предимензионирани очила за сонце, која ги привлекува погледите на останатите гости.


Другите визуелизации се намерно помалку реалистични, како реинтерпретацијата на „Gucci Cadillac“ од 1984 година. Една од нив дури е анимирана во стилот на видеоиграта „Grand Theft Auto“ и сместена во „гучи“ верзија на „Vice City“, што на социјалните мрежи поттикна шпекулации за можна соработка со претстојната игра GTA 6.


Остри критики на социјалните мрежи

Реакциите на корисниците беа брзи и поделени, но преовладуваа негативните коментари.

„Ако се претставувате како луксузен бренд и продавате производи по толку високи цени, луѓето очекуваат уметност“, гласи еден од коментарите. „Користењето вештачка интелигенција за изработка на реклами е директен шамар за индустријата што треба да се темели на врвни мајстори“.

„Мислев дека суштината на луксузот е токму во тоа работите да се прават на потежок начин, со акцент на рачна изработка, вештина и страст“, додаде друг корисник.


Трет беше уште подиректен: „Дали тоа значи дека ќе ги намалите цените, со оглед на тоа што и самите решивте да го поевтините процесот?“.

Новиот креативен директор склон кон ризици

Новиот креативен директор, познат едноставно како Демна, се прослави како соосновач на брендот „Vetements“, а последните десет години ги помина на чело на „Balenciaga“. Станува збор за дизајнер кој не се плаши од контроверзии ниту од ризични потези.

Демна ја водеше „Balenciaga“ и за време на озлогласената кампања од 2022 година, во која деца позираа со кадифени мечиња облечени во садо-мазо опрема. Кампањата предизвика глобални осуди и повици за бојкот на брендот.


„Сакам лично да се извинам поради погрешниот уметнички избор во кампањата со децата и преземам целосна одговорност“, изјави тогаш. „Беше несоодветно децата да промовираат предмети што немаат никаква врска со нив. Иако со својата работа понекогаш сакам да поттикнам размислување, никогаш не ми беше намерата тоа да го правам преку толку ужасна тема како што е злоупотребата на деца, која најостро ја осудувам“.

Иднината на модата или опасен преседан?

Користењето вештачка интелигенција во овој контекст би можело да отвори нов бран контроверзии, особено во време кога вештачката интелигенција сè повеќе ги загрозува креативните професии. Ова, сепак, не е првиот исчекор на „Gucci“ во таа насока. Претходно овој месец станаа првиот луксузен бренд што спонзорираше AI леќа на “Snapchat’, овозможувајќи им на корисниците да се трансформираат во ликови од кампањата „La Famiglia“.


Можно е да станува збор за експеримент или дури најава за правецот во кој ќе се развива брендот под водство на Демна. Но, додека луксузниот сектор со загриженост следи дали новиот креативен директор ќе успее да го запре падот на продажбата од 22 проценти, овој потег ќе остане запаметен или како неразбран, но генијален маркетиншки трик, или како загрижувачки увид во иднината на модната индустрија.