Најпосетуваната земја во светот привлекува милиони, но локалните жители сè погласно негодуваат

Точка

25/02/2026

17:36

431

Големина на фонт

а а а

Франција и оваа година го потврди статусот на најпосетувана земја во светот. Во текот на 2025 година угостила рекордни 102 милиони туристи, со што го надминала сопствениот резултат од 2024 година, кога биле евидентирани 100 милиони посетители и остварила силен раст на приходите од туризмот, пишува „Тајм аут“.

Туристите оствариле вкупно 743 милиони ноќевања, што претставува пораст од 7,5 отсто во однос на претходната година. Приходите од туризмот пораснале за 9 отсто во споредба со 2024 година и достигнале 77,5 милијарди евра, што е дури 37 отсто повеќе отколку во претпандемиската 2019 година.


Според пишувањето на „Јуроњуз“, тајната на францускиот успех лежи во напредната и долгорочна стратегија за развој на туризмот, која овозможува раст на секторот, а истовремено настојува прекумерниот туризам да се држи под контрола. Земјата притоа ја користи својата изразена регионална и сезонска разновидност, поради што различни дестинации се истакнуваат во различни периоди од годината, со што се растоваруваат најпосетените подрачја.


Иако Франција планира до 2030 година да ги зголеми годишните приходи од туризмот на 100 милијарди евра, сè поголемиот број посетители не наидува на добредојде насекаде.


Во текот на летото 2025 година, жителите на Монмартр, една од најпознатите париски населби, протестирале против, како што рекле, „дизнификацијата“ на своето соседство, предупредувајќи на преголем број тук-тук возила, организирани туристички групи и сместувања за краткорочен наем.


Најпосетуваната атракција во тој дел од градот, базиликата Сакре-кер, со околу 11 милиони посетители годишно според бројот на посети, ја надминала дури и Ајфеловата кула. Но незадоволството од масовниот туризам не е ограничено само на Париз. Француската министерка за туризам Оливија Грегоар уште во 2023 година повикала на подобро управување со туристичките текови низ целата земја, особено на исклучително посетените локации како Мон Сен-Мишел.


Шпанија како најсериозен конкурент

Веднаш зад Франција се наоѓа Шпанија, која во 2025 година угостила 96,8 милиони туристи. Интересно е што според приходите ја надминала Франција, остварувајќи дури 105 милијарди евра од туризмот, со што веќе ја надминала целта што Франција си ја поставила за 2030 година.


Уште во 2024 година се појавиле прогнози според кои Шпанија до 2040 година би можела да ја преземе титулата најпосетувана земја во светот. Сепак и таму во текот на 2025 година беше забележан сè посилен отпор кон масовниот туризам, што се манифестирал преку низа протести и воведување различни ограничувања во најоптоварените туристички подрачја.