На секои неколку месеци се појавува ново предупредување за некоја скриена нехигиена во секојдневниот живот.
Наводно, перниците треба да се менуваат на секои две години. Четката за заби претставува вистинско легло на бактерии и треба да се менува најмалку на шест месеци. А сега пристигна и препорака за долната облека – таа би требало да се фрла и да се купува нова на секои шест месеци.
Според пишувањето на „Фајненшл тајмс“, лекарите главно советуваат долната облека да се менува на секои шест до девет месеци, бидејќи перењето не ги отстранува целосно сите нечистотии и микроорганизми. Оваа препорака не е нова. Бројни совети достапни на интернет наведуваат дека оптималниот рок на траење е меѓу шест и дванаесет месеци. Еден консултант-гинеколог уште во 2021 година изјавил за „Индипендент“ дека горната граница би можела да биде околу 50 перења за пар памучна долна облека.

Во пракса, сепак, малкумина навистина ги следат таквите насоки. Многу парчиња долна облека во просечните домаќинства се значително постари од препорачаниот рок. И додека тоа можеби се доживува како безопасно, истражувањата покажуваат дека одредени бактерии, вируси и габи целосно не се елиминираат доколку долната облека се пере на температури пониски од 60 степени. Уште понепријатен податок доаѓа од научни трудови кои наведуваат дека просечен пар долна облека може да содржи околу 0,1 грам фекални остатоци.
Таквите информации поттикнуваат многумина да размислат за обновување на фиоката со долна облека. Меѓутоа, заминувањето во продавница денес често значи соочување со голем избор на модели и материјали, со називи што звучат речиси технички: модел танга, микрофибер шорцови без видливи рабови, бразилски кроеви, модели со „невидлива удобност“. Во морето од специјализирани линии и иновативни ткаенини, потрагата по едноставни, класични памучни модели понекогаш изгледа како предизвик.
Колку често треба да се менува долната облека?
Долната облека во текот на целиот ден е во непосреден и долготраен контакт со кожата, особено со интимните делови од телото. Токму поради тоа, како што објаснила д-р Ширин Лахани од клиниката „Elite Aesthetics“, која се занимава со естетска медицина и интимно здравје, ткаенината впива значителна количина мртви клетки од кожата, но и бактерии. Станува збор и за природни, „добри“ бактерии кои се нормален дел од микрофлората, како и за потенцијално штетни микроорганизми што може да се појават при инфекции како кандидијаза или сексуално преносливи болести.

Д-р Лахани нагласила дека дури иако долната облека редовно се пере и по перењето изгледа и мириса свежо, тоа не значи дека е целосно хигиенски исправна. Истражувањата покажуваат дека перењето во машина не ги отстранува секогаш сите бактерии, вклучително и ешерихија коли. Иако повеќето бактерии не предизвикуваат сериозни проблеми, долготрајното задржување на одредени микроорганизми може да го зголеми ризикот од уринарни инфекции, иритации и зголемен секрет.
Поради тоа, таа советува долната облека да се менува најмалку еднаш годишно, со напомена дека постојат исклучоци. На пример, парчињата што редовно се носат при интензивни активности како вежбање треба да се менуваат и почесто, бидејќи се изложени на поголема количина пот и триење.
Правило од 50 перења
За оние на кои им е тешко да размислуваат за замена на долната облека во временски интервали, постои и поинаков пристап – т.н. правило од 50 перења.
Нарендра Писал, консултант-гинеколог од клиниката „London Gynaecology“, истакнал дека зачестеноста на замената зависи и од тоа колку парчиња некој има. Додека некои луѓе наизменично носат само неколку пара, други имаат значително поголема колекција, па одредени парчиња поретко се користат и побавно се трошат.

Поради тоа, некои парови се истрошуваат побрзо од други. Писал смета дека горната граница од околу 50 перења е разумна за еден пар памучна долна облека. Сепак, доколку долната облека предизвикува иритација, црвенило или е оштетена и искината, треба да се замени и пред тој рок.












