Барела: Секоја чест за Бодо, но Интер останува да се држи до својата примарна цел

Дерби

25/02/2026

08:51

253

Големина на фонт

а а а

Бодо/Глимт ја продолжи својата сензационална сезона во Европа и се пласираше во осминафиналето во Лигата на шампиони, подвиг кој беше остварен со нова победа над Интер, овојпат среде Милано.

Норвешкиот претставник со играта во нокаут фазата покажа дека победите над Манчестер Сити и Атлетико Мадрид не биле случајност, а тоа најдобро на своја кожа го почувствуваа избраниците на Кристијан Киву.

Откако победија на првиот меч на домашен терен со 3:1, аутсајдерите беа тврд орев и на „Сан Сиро“, па откако Интер не успеа да го скрши отпорот, Бодо постигна два гола со кои го реши прашањето околу патникот во наредната фаза.

Интер до крајот постигна почесен гол и со вкупни 2:5 се прости уште во плејоф фазата, а бидејќи ова се доживеа како огромно разочарување во Италија, Николо Барела се обиде да ги смири страстите.

– Се обидовме да постигнеме гол на секаков начин, но не успеавме во тоа, не успеавме да го скршиме отпорот први. Примивме гол после индивидуална грешка, но тоа се случува во фудбалот. Најтешко за нас беше да го скршиме мразот, но не успеавме. Секоја чест за Бодо, сите честитки одат кон нив. Не победија на двата натпревари и заслужено се во следната фаза.

– Пред две години исто така испаднавме рано од Атлетико Мадрид, а потоа го освоивме Скудетото. Сега испаѓаме од Бодо и имаме десет бода предност на табелата во Италија. Примарна цел на Интер беше Скудетото и тоа останува така, тоа беше наша првична цел од стартот на сезоната и тоа останува така, – заврши Барела.