Жоан Лапорта е во полн ек на претседателската кампања која ја води и во овој период дава отчет на работата која ја имаше во измиантите пет години, вклучувајќи ги и најтешките одлуки кои ги донесе како прв човек на клубот.
Лапорта говореше за најболната тема и заминувањето на Лионел Меси, за отказот кој му го врачи на Роналд Куман, но откри и како „запнала“ работата меѓу Барселона и Чави Ернандес, откако клубот со месеци го молеше да остане тренер.
Чави најави дека ќе си замине на средина на сезоната, но Лапорта потоа го разубеди и го натера да остане, за на крајот на сезоната тој да биде оној кој му врачува отказ.
Целата ситуација делува доста конфузно и две години подоцна, а Лапорта сега се обиде да објасни што точно се случило.
– Сите знаеме дека Чави беше прво цврсто решен да си оди, а потоа рече дека сака да продолжи, иако имаше најавено дека си заминува. Тоа ми го кажа на вечерата која ја имавме во мојот дом, а тогаш го прашав дали верува во тимот. Ми одговори позитивно и ми порача дека 100 проценти верува во тимот.
– Иако мислев дека треба да се советувам со професионални лица во тој момент, сепак попуштив и му реков дека останува бидејќи е Чави. Сепак, неколку дена подоцна, излезе со изјава во јавноста дека нема да бидеме компетитивни со Реал Мадрид и другите ривали од Европа во наредните две години. Тогаш му се јавив и му порачав дека не прави добри работи со таква изјава. Јас бев во болница во Барселона поради пневмонија, а тој дојде да ме посети и имавме разговор.
– Ми порача дека се уште верува во тимот и дека се може да се промени, но наредниот ден му порачал на Деко дека сака да промениме десет играчи во првиот тим. Тогаш му кажав „доста“, се состанавме следниот ден и му порачавме дека не можеме да продолжиме заедно, – открива Лапорта.








