Снимката од драматичната реакција на три златни ретривери на звукот на тромбон ги насмеа корисниците на ТикТок. Во видеото, кое го објави корисничката @5_shadesofgolden, девојче се подготвува да свири тромбон додека нејзините кучиња внимателно седат во близина, но идилата не траеше долго.
Кучињата првично делуваат љубопитно и внимателно, трпеливо чекајќи го почетокот на настапот. Меѓутоа, штом се огласи првиот звук од дувачкиот инструмент, расположението нагло се промени. Исплашени од ненадејната бучава, кучињата скокнаа на нозе, почнаа да лаат и накратко побегнаа. Едното исчезна од кадарот, додека другото остана на претпазлива оддалеченост, очигледно збунето од непознатиот инструмент.
Корисниците на ТикТок ги преплавија коментарите, а еден корисник го прогласи видеото за „најтипичен приказ на однесувањето на златните ретривери“. Видеото за само шест дена собра повеќе од шест милиони прегледи.
„Ми се допаѓа како кученцето седна како да е подготвено за претстава, а потоа заклучи ‘нема шанси’“, додаде друг. „Изгледаа толку возбудено, а потоа настана чист ужас“, напиша трет корисник.
Пријателската природа и чувствителноста на бучава
Златните ретривери се познати по својата пријателска и друштвена природа, што објаснува зошто на почетокот изгледаа заинтересирани. Според водичот на порталот „WagBar“, оваа раса ги спојува „интелигенцијата, нежноста и лојалноста, што е комбинација која им одговара на многу семејства“.
Како што пренесува „Newsweek“, во водичот исто така се наведува дека златните ретривери се „природно отворени и пријателски настроени кон луѓето, вклучително и кон странци“, поради што секојдневните домашни активности обично не ги вознемируваат.
Сепак, дури и најопуштените кучиња можат да бидат чувствителни на ненадејни и гласни звуци. Американскиот кинолошки сојуз (AKC) предупредува дека „многу кучиња се плашат од гласни звуци“. Од организацијата објаснуваат дека „стравот од гласни звуци е стресен за кучињата и може да ги ограничи активностите во кои можат да уживаат“, наведувајќи како чести предизвикувачи огномети, грмежи и гласни возила.
Во случајот на оваа вирална изведба, остриот и гласен звук на тромбонот веројатно ги изненадил кучињата, особено ако никогаш претходно не го слушнале.
AKC ги советува сопствениците да им помогнат на милениците со создавање позитивни асоцијации. „Исто така можете да пуштате снимки од звуците што ги плашат на ниска јачина додека го храните кучето, си играте или правите нешто друго што го сака“, предлагаат оттаму, додавајќи дека јачината треба постепено да се зголемува како што кучето се привикнува.











