Едно семејство на „Google Maps“ наишло на детаљ што ги погодило директно во стомакот, две години по смртта на таткото. Боби Рајан (25) од Блекпул го прегледувала станот на својот татко на „Street View“ и на снимката го забележала него како седи на балконот, од времето пред да почине.
Откритието го објави на ТикТок, а во коментарите се јавија и други со слични приказни.
Неочекуван кадар
Боби го изгубила татко ѝ во 2024 година, а вели дека тоа ѝ оставило „дупка во срцето“. Две години подоцна, додека на „Street View“ го гледала неговиот стан во Еклс, крај Манчестер, низ прозорецот забележала позната силуета.
„Некаде на ‘Google Maps’ од 2024 година мојот татко сè уште е жив, само мирно седи на својот балкон“, напиша таа. „Неверојатно е како ‘Google Maps’ забележале момент за кој не ни претпоставував дека еден ден ќе ми значи толку многу“.
„И мојот дедо сè уште го уредува дворот“
Видеото брзо поттикна лавина од коментари од луѓе кои и самите на „Google Maps“ пронашле починати членови на семејството или нивни траги.
„И таткото на мојот партнер е на ‘Google Maps’, пуши цигара на прагот од куќата. На некои снимки може да се врати сè до 2009 година. За жал, почина во 2021“, напиша еден корисник.
„Комбито на татко ми сè уште е на приодот на ‘Google Maps’“, додаде друг.

„Мојот дедо сè уште го уредува дворот за мојата баба“, напиша трет. Многумина ја опишаа целата работа како „горчливо-слатка“, со низа емотикони што плачат.
Како воопшто останува таква снимка?
„Google Мaps“ постои од 2005 година, а „Street View“ е воведен во 2007 година. Снимките не се ажурираат по строго утврдена шема, но за многу локации се освежуваат на секои една до три години. Корисниците можат со клик да прегледуваат и постари снимки од истата локација, па ваквите сцени можат да останат достапни со години.











