Филмот како уметничка форма може да предизвика различни емоции и реакции, но една од најмалку посакуваните секако е гадењето. Низ годините публиката ја шокираа бројни сцени, не само во хорор филмовите туку и во други жанрови.
Па така се спомнува, на пример, сцената на самоповредување на Карла Гуџино во филмот „Играта на Џералд“ на режисерот Мајк Фланаган, снимен според романот на Стивен Кинг, како и непријатните моменти во филмовите „Титан“ и „Гумо“. Сепак научниците одлучиле да утврдат која сцена е навистина најнепријатна.
84,9 отсто од учесниците изјавиле дека поради оваа сцена многу им се згадило
Група истражувачи поминале пет години анализирајќи повеќе од 250 филмови, а одбраните клипови ги прикажале на речиси 500 луѓе. Во рамки на истражувањето испитаниците гледале 30 секунди од сцената во филмот „Pink Flamingos“ на режисерот Џон Вотерс, во која ликот Дивајн јаде кучешки измет. Потоа од испитаниците било побарано да го оценат нивото на гадење на скала од 1 до 8, пишува „Far Out Magazine“.

Резултатите покажале дека токму таа сцена е прогласена за најодвратна во историјата на филмот. Просечната оценка изнесувала 6,45 што ја сместило на врвот од листата. Дури 84,9 отсто од учесниците изјавиле дека поради сцената многу им се згадило. Со тоа, филмот „Pink Flamingos“ се здоби со титулата најодвратен филмски момент.

Иако низ историјата на кинематографијата биле снимени бројни шокантни и вознемирувачки сцени, ова истражување ја истакна онаа што кај гледачите предизвикала најинтензивна реакција на гадење.
На тој начин филмот на Џон Вотерс, благодарение на научна анализа е пример до кој степен седмата уметност може да ги помести границите на публиката.









