Повторно се појавија теории на заговор дека Курт Кобејн е убиен: Шокантно откритие на форензичарите 32 години по смртта на славниот музичар

Точка

11/02/2026

15:46

404

Големина на фонт

а а а

Еден од највлијателните музичари во историјата, фронтменот на „Нирвана“, Курт Кобејн, почина на 5 април 1994 година. Зад себе остави огромен белег во музиката и културата, а неговата смрт и денес предизвикува бројни контроверзии и сомнежи.

Официјалната верзија за неговата смрт со години беше дека Кобејн си го одзел животот на 27-годишна возраст. Меѓутоа, изминатите месеци, околностите на неговите последни моменти повторно се под лупа.

Во времето на неговата смрт, Канцеларијата на судскиот медицински вештак на округот Кинг заклучила дека станува збор за самоубиство. Меѓутоа, сега еден неофицијален, приватен тим на форензичари повторно го анализирал извештајот од обдукцијата и материјалите од местото на настанот. Во тимот е и Брајан Барнет, експерт кој претходно работел на случаи со предозирање проследени со трауми од огнено оружје.


Независната истражувачка Мишел Вилкинс, која соработувала со тимот, изјавила за „Дејли мејл“ дека Барнет, по само три дена проучување на доказите, рекол: „Ова е убиство. Мора да преземеме нешто“.

Според нејзините зборови, Барнет дошол до таков заклучок по детална анализа на обдукцијата, која, како што тврди, содржи елементи што не се во согласност со моментот на смртта предизвикана од истрел од огнено оружје.

Во рецензираниот труд се изнесени 10 точки кои, според авторите, укажуваат на можноста Кобејн да се соочил со еден или повеќе напаѓачи. Се наведува дека можеби бил насилно предозиран со хероин за да биде онеспособен, по што бил застрелан во главата, а потоа му била ставена пушката во неговите раце со наводно фалсификуваната проштална порака.

„Постојат работи во обдукцијата што ве тераат да се запрашате – оваа личност не починала толку брзо од пукањето“, рекла Вилкинс, посочувајќи на оштетувањето на органите поврзано со недостаток на кислород и додала:

„Некроза на мозокот и црниот дроб се јавува при предозирање. Тоа не се случува при смрт од пушка.“

Барнет, кој има повеќедецениско искуство во анализата на местата на злосторството и толкувањето на сложени форензички докази, претходно бил ангажиран во контроверзни случаи како што се смртта на маринецот, полковникот Џејмс Сабоу, и истрагата за смртта на Били Џо Џонсон Помладиот, каде што неговите реконструкции ги довеле во прашање официјалните заклучоци за нивната смрт.


Портпарол на Канцеларијата на судскиот медицински вештак на округот Кинг изјавил за „Дејли мејл“:

„Канцеларијата на судскиот медицински вештак на округот Кинг соработуваше со локалната полиција, спроведе целосна обдукција и ги испочитува сите процедури при донесувањето заклучи дека начинот на смртта е самоубиство. Нашата канцеларија е секогаш отворена за преиспитување на нашите заклучоци доколку се појават нови докази, но до денес не видовме ништо што би го оправдало повторното отворање на овој случај ниту менувањето на претходно донесената одлука.“

„Дејли мејл“ имал увид во извештајот од обдукцијата, во кој се наведува дека телото на Кобејн е пронајдено на подот од стаклена градина над гаражата. Во документот од 20 јуни 1994 година, се наведува дека во левиот преден џеб од неговите фармерки е пронајден лист хартија со ракопис со црно мастило: „Remington 20 gauge 2-3/4 shells or shorter setup light shot 10888925“.

Вилкинс тврди дека тоа ѝ изгледа како инсценирано.

„Мене тоа ми изгледа како некој да го режирал филмот и сакал да бидете апсолутно сигурни дека станува збор за самоубиство. Сметката за оружјето е во неговиот џеб. Сметката за муницијата е во неговиот џеб. Патроните се наредени покрај неговите нозе“, рекла Вилкинс.

Оружје, чаура и „премногу чиста“ сцена на злосторството

Според новиот форензички извештај, ракавите на Кобејн биле засукани, а приборот за хероин бил пронајден на неколку метри оддалеченост, со затворени шприцеви, памучни стапчиња и парчиња црн хероин со приближно иста големина.

„Се очекува да поверуваме дека ги затворил иглите и сè уредно вратил на место откако си вбризгал трипати, бидејќи тоа е нешто што луѓето го прават додека умираат. Самоубиствата се неуредни, а ова беше многу чиста сцена“, рекла Вилкинс.

Полицијата своевремено изјавила дека Курт Кобејн си инјектирал доза хероин 10 пати поголема од онаа што, според нивните наводи, би ја примил дури и тежок зависник. Извештајот од обдукцијата тогаш покажал присуство на течност во белите дробови, крвавење во очите и оштетување на мозокот и црниот дроб.


Сега, според мислењето на тимот кој работи на новата анализа, ваквите наоди се невообичаени кај брзите смртни случаи од огнено оружје, но се чести кај смрт од предозирање со хероин, што доведува до бавно дишење и намален проток на крвта.

Како што се тврди, крвавењето во очите и оштетувањето на органите сугерираат дека телото можеби било лишено од кислород, што, според нив, веројатно не би се случило само од истрелот. Кај повеќето смртоносни повреди на главата од огнено оружје, крвта често се наоѓа во дишните патишта, но во извештајот на Кобејн тоа не е наведено.

Иако тешките повреди на мозокот можат да го запрат дишењето, ова обично се случува веднаш по траумата, а кај толку сериозна рана, би се очекувало присуство на крв во дишните патишта.

Обдукцијата, како што се наведува, сугерира дека мозочното стебло кое го контролира дишењето веројатно не било оштетено. Исто така, положбата на неговите раце, според толкувањето на тимот, не укажувала на ригидност што често се забележува кај повредите на мозочното стебло.

Форензичкиот труд, според наводите, поминал низ рецензија преку уредничкиот процес на Меѓународното списание за форензички науки пред да биде одобрен за објавување. Вилкинс тврди дека е можно Кобејн да бил физички онеспособен пред фаталниот истрел.

„Тој умира од предозирање, едвај дише, крвта не му циркулира како што треба“, рекла таа, додавајќи дека тоа значи дека мозокот и црниот дроб не добиваат кислород, туку гладуваат и изумираат.

Вилкинс исто така рекла и дека големината и механиката на оружјето ја доведуваат во прашање можноста дека онесвестениот Кобејн можел сам да го употреби.

„Ако ги погледнете фотографиите од местото на настанот, можете да видите колку е големо тоа оружје. Замислете некој што е во кома и умира и уште така да го држи оружјето“, навела Вилкинс.

Според неа, положбата на неговите раце и недостатокот на траги од крв дополнително предизвикале сомнеж.

Левата рака му била свиткана околу предниот дел од цевката, додека чаурата била пронајдена на куп облека, спротивно од очекуваната насока на исфрлање.

„Тој умира од предозирање, во кома е, а го држи оружјето така што да може да го достигне чкрапалото и да го стави во уста. Тоа е лудост“,  убедена е Вилкинс.

Тимот го реплицирал оружјето и заклучил дека, доколку раката била на местото опишано во полицискиот извештај, оружјето немало да ја исфрли чаурата.

„Значи, чаурата не само што е таму каде што не треба да биде – туку воопшто немало да биде таму“, рекла Вилкинс.

Таа, исто така, истакнала дека левата рака на Кобејн, според фотографиите, била невообичаено чиста.


„Ако погледнете разни фотографии од самоубиства со пушка, можете да видите дека тие се брутални. Не постои универзум во кој таа рака не е покриена со крв. А раката на Кобејн е толку чиста“, рекла Вилкинс.

Според извештајот, сценариото за убиство имплицира дека неговата лева рака била ставена на оружјето по смртта, што би можело да го објасни отпечатокот сличен на отпечаток од палец забележан на неговата рака. Во форензичките истраги, ваквите траги можат да помогнат во реконструкцијата на настаните, укажувајќи на допирите и можните преноси на супстанциите.

Вилкинс навела дека обрасците на крв сугерираат дека телото можеби било поместено.

„Исто така, има крв и на долниот дел од неговата маица. Единствениот начин крвта да стигне таму е ако Курт Кобејн бил кренат и ако главата му била свртена надолу. Нема крв на неговата рака. Нема крв на остатокот од маицата, но постои голема дамка на долниот дел“,  рекла таа.

Мистеријата на прошталната порака

Наводната порака за збогум е исто така анализирана.

„Горниот дел од пораката ја напишал Курт. Во неа нема ништо за самоубиство. Тој генерално зборува за тоа дека сака да го напушти бендот. Потоа има четири реда на дното. Ако ја погледнете пораката, гледате дека тие последни четири реда се напишани поинаку, текстот е малку поинаков, поголем, изгледа понеуредно“, изјавила Вилкинс.

Таа нагласила дека целта на тимот не е веднаш некој да се уапси, туку случајот транспарентно да се преиспита и додала дека разговарала со семејствата на луѓе кои извршиле самоубиство, бидејќи верувале дека и Кобејн го сторил тоа.

„Во 2022 година, едно дете си го одзело животот затоа што верувало дека Кобејн го сторил тоа. Копираните самоубиства никогаш не престанале“, рекла Вилкинс.


Барањата за повторно отворање на случајот, според нејзините зборови, досега се одбиени.

„И двата пати се вратија со „не“. Со назнака – ние дури и нема да ги разгледаме вашите докази“, рекла Вилкинс.

Сепак, таа и нејзиниот тим не се откажуваат. Нивната цел е едноставна:

„Ако грешиме, само докажете ни го тоа. Тоа е сè што бараме“, заклучила Вилкинс.