„Ferrari“ постепено го открива својот прв електричен модел, и тоа во три фази.
По техничките спецификации, сега е познато и името – „Ferrari Luce“. На италијански „luce“ значи светлина, што јасно го навестува карактерот на автомобилот. Заедно со името, првпат е прикажана и внатрешноста на возилото, во пресрет на целосната премиера планирана за крајот на оваа година.

Ентериер што не изгледа како „Ferrari“
За дизајнот на кабината „Ferrari“ соработува со колективот „LoveFrom“, основан од сер Џони Ајв, поранешен главен дизајнер на „Apple“. Влијанието е видливо веднаш. Ентериерот на „Luce“ се оддалечува од класичната естетика на „Ferrari“ и носи минималистички, технолошки нагласен пристап.
Кабината вклучува три екрани: за возачот, централен инфотејнмент-екран и екран за патниците позади. Возачкиот приказ се состои од два преклопени панели. Горниот панел има три отвори низ кои се гледа задниот екран, создавајќи тридимензионален ефект на инструменти инспириран од воздухопловството.

Екранот е прицврстен за столбот на воланот, што значи дека се движи заедно со воланот. Самиот волан е интерпретација на класичните трикраки дрвени волани „Nardi“ од 1950-тите и 1960-тите, со тенок обрач и видливи алуминиумски краци. Алуминиумот е еден од доминантните материјали во целата кабина.
На воланот има физички команди за темпомат, избор на режим на возење, контрола на пролизгување, бришачи и адаптирање на суспензијата. „Ferrari“ наведува дека е 400 грама полесен од воланите во другите модели на компанијата.

Ротирачки екран и механички детали
Централниот екран може да се ротира кон возачот или совозачот за полесно користење. Во долниот дел има физички копчиња за поставките на вентилацијата. Посебност е отвор во екранот што открива механички модул со четири режими: часовник, хронограф, компас и „launch control“.
Централната конзола го задржува минималистичкиот пристап, со прекинувачи за подигнување на стаклата и копчиња за заклучување на вратите и отворање на багажникот.

„Luce“ носи и стаклен клуч со „E-ink“ екран што ја менува бојата од жолта во црна кога ќе се постави во држачот на конзолата, покрај стаклената рачка на менувачот.
Според прикажаните фотографии, над главите на патниците има дополнителен панел со прекинувачи за светла, одмаглување и „launch control“. Задните патници имаат сопствени физички команди за климатизација и приказ на основни информации за возилото.

Четири електромотори и речиси 1.000 коњски сили
Техничките податоци беа откриени уште минатиот октомври. „Ferrari Luce“ го придвижуваат четири електромотори со вкупно до 1.000 коњски сили во „Boost“ режим. Максималната брзина изнесува 309 km/h, додека забрзувањето до 100 km/h трае 2,5 секунди.
Надворешниот дизајн ќе биде официјално претставен во мај на специјален настан во Италија.





















