Трамп се „намерачил“ на уште една европска територија: Помала е од Гренланд, а тивката војна веќе започна: Американските подморници кружат околу неа, а ја посакуваат уште две големи сили

Точка

10/02/2026

23:03

1.760

Големина на фонт

а а а

По Гренланд, во центарот на геополитичкото натпреварување се најде уште една данска територија на стотици километри оддалеченост од Копенхаген, сместена помеѓу најголемиот остров во светот и Кралството Данска, среде Атлантскиот Океан.

Станува збор за Фарските Острови, чии жители со години бараат независност, а трите најголеми светски сили - САД, Кина и Русија - покажуваат интерес за овој мал архипелаг.

Комплексната историја на Фарските Острови е испреплетена со кризата околу Гренланд. Иако американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од заканите за припојување на островот кон САД, неговите изјави предизвикаа бран загриженост во овој дел од светот.

Фарските Острови, со околу 55.000 жители (2.000 помалку од Гренланд, иако Гренланд е неспоредливо поголем по површина), се наоѓаат среде клучен морски премин помеѓу Исланд и Шкотска, на самиот праг на Арктикот, каде што големите сили се борат за превласт. Европските рибарски флоти, американските воени бродови и руските подморници редовно минуваат низ овие води. Пред неколку години, кинеска компанија се обидела да го преземе фарскиот телекомуникациски систем.


Во секојдневниот живот, сепак, сè изгледа мирно – од фармите за лосос ширум светот се извезува риба во вредност од речиси милијарда долари, сообраќајот јот тече непречено благодарение на мрежа од тунели, а територијата дури има и кружен тек под морето. Фарските Острови изградиле силна локална економија, што им обезбедува висок животен стандард и реална можност да станат независни и да тргнат по свој пат, пишува „Њујорк тајмс“.

Во изминатите неколку години, копнежот по независност пораснал. Сепак, амбициите на Трамп да го преземе Гренланд влијаеја, меѓу другото, на тоа што Фарските Острови не ги започнаа планираните преговори за поголема автономија со Копенхаген (тие требаше да започнат минатиот месец).

„Гренланд и Данска се во многу тешка ситуација. Постои широк политички консензус дека нашиот однос со Данска мора да се промени“ изјави Аксел В. Јоханесен, премиер на Фарските Острови.


Иако Фарските Острови привлекуваат многу помалку внимание од Гренланд, геополитичките аналитичари внимателно ја следат оваа територија, а самите жители чувствуваат дека интересот на големите сили расте.

„Старата Студена војна се враќа. А ние сме во епицентарот“ рече Хогни Хејдал, поранешен министер за надворешни работи на Фарските Острови и еден од главните поборници за независност.

Жителите на Фарските Острови - од кои многумина се потомци на Викинзите кои таму пристигнале пред повеќе од 1.000 години и чија татковина е едно од најдождливите места во Европа – со тесно мнозинство изгласале независност во 1946 година, но данскиот крал одбил. Кога се обидоа да преговараат за целосен суверенитет во 2000 година, Данска се закани дека ќе ги намали субвенциите.

„Исклучително е важно да останеме обединети. Во сегашната глобална ситуација, ние сме неочекувани играчи во Северниот Атлантик, а големите нации ќе го искористат тоа“ рече Едис Хартман Никласен, пратеник во парламентот кој не се залага за независност.

Клучна стратешка точка

Фарските Острови се наоѓаат во рамките на едно од најважните поморски „тесни грла“ во светот, кое е исто така една од главните руски рути помеѓу Арктикот и Атлантскиот Океан.

Тој морски премин е познат како премин „GIUK“ - именуван по земјите што го опкружуваат: Гренланд, Исланд и Обединетото Кралство. Широк е околу 320 километри во својот најдолг дел. Го користи НАТО, кој ги засили патролите минатата година, но и руските нуклеарни подморници што доаѓаат од Мурманск, главната руска база на подморници во Арктикот.


„Фарските Острови се непропорционално важни“ рече Трој Џ. Буфард, директор на Центарот за безбедност и отпорност на Арктикот на Универзитетот во Алјаска Фербенкс.

Иако имаат население колку едно американско предградие, додаде тој, тие се „точно во средината на една од најважните транзитни рути на нашиот главен противник“.

Во 2019 година, Кина се обиде да ја модернизира фарската мрежа преку својот телекомуникациски гигант Хуавеи во замена за зголемена трговска соработка. Владата на САД го означи Хуавеи како закана за националната безбедност и изврши силен притисок врз фарските политичари да не го дозволат тоа. На крајот, островите избраа друг - европски добавувач.

Според податоците на Министерството за надворешни работи на Фарските Острови, американските подморници, како и бродовите на другите земји-членки на НАТО, се појавуваат сè повеќе во фарските пристаништа во последните неколку години.


По руската инвазија на Украина во 2022 година, повеќето европски земји почнаа да ги избегнуваат руските бродови. Фарските Острови не го сторија тоа. Руските рибарски бродови се закотвуваат во фарските пристаништа со години - и сè уште го прават тоа, пишува „Њујорк пост“.

Некои фарски политичари стравуваат дека Русија ги користи овие бродови за извидување или дури и планирање саботажа. Неколку клучни подводни кабли биле исечени во Скандинавија и Балтичкото Море во последните години, а Русија останува главен осомничен.

„Не знаеме што прават руските бродови, а не знаеме ни што има на нив“ рече Шурдур Скала, претставник на Фарските Острови во данскиот парламент.

Неодамнешната промена во руската поморска доктрина предизвикува дополнителна загриженост кај него. Неколку месеци по почетокот на војната во Украина, руската влада објави дека руските цивилни бродови би можеле да се користат за воени цели, доколку е потребно.

Фарските Острови моментално се под безбедносниот чадор на НАТО како дел од Кралството Данска, една од основачките членки на алијансата. Без НАТО, рече Скала, „Русите, ако сакаа, ќе нè окупираа пред утрешниот појадок“.

Европа се свртува кон сопствен нуклеарен арсенал поради Трамп

Европските земји кои со децении се криеја под американскиот нуклеарен чадор сега отворено разговараат за нова форма на безбедносен сојуз против Русија изграден околу француско и потенцијално британско нуклеарно оружје, пишува „Политико“.

Тоа е директен одговор на поткопувањето на довербата од страна на Трамп во заедничката одбранбена обврска на НАТО по Член 5, доведувајќи ги во прашање обврските на САД и зголемувајќи ги сомнежите со закани за анексија на Гренланд.


Лидерите во Шведска, Норвешка, Германија и Холандија потврдија дека водат разговори за европско нуклеарно одвраќање кое би ја надополнило американската верзија.

Прашањето е особено важно сега кога истече договорот за нуклеарно оружје меѓу САД и Русија, познат како „Нов почеток“ и во време кога Русија и Кина ги прошируваат своите стратешки арсенали.

„Се’ додека опасните земји поседуваат нуклеарно оружје, здравите демократии мора да имаат пристап и до нуклеарно оружје“ изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон минатиот месец.