Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Аксиос“ изјави дека размислува да испрати втора ударна група носачи на авиони на Блискиот Исток, доколку пропаднат преговорите со Иран.
Тој рече дека САД веќе имаат „армада“ во регионот и дека опциите се јасни: „Или ќе постигнеме договор или ќе мора да направиме нешто многу остро, како и минатиот пат.“
Во моментов во регионот е распоредена ударната група околу носачот „USS Abraham Lincoln“, а американски претставник потврдил дека се воделе разговори за дополнително засилување.
Иако воено го засилува присуството, Трамп изразил оптимизам дека Иран сега посериозно пристапува кон преговорите, кои беа обновени во Оман.
Спорна точка останува иранската позиција дека нема да преговара за ништо освен за нуклеарната програма, и тоа без откажување од збогатување ураниум. Трамп изјави дека евентуален договор треба да го опфати нуклеарната програма и иранските балистички ракети.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пристигнува во Вашингтон на разговори, додека Иран ја засилува дипломатската активност преку Оман и Катар.








