Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на 6 февруари 2026 година поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против Б.Д. (33), М.Д. (29) и С.Е. (25), сите од Скопје.
Тие се осомничени за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ по член 394 став 1 и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 од Кривичниот законик.
Според сознанијата од предистражната постапка, постои основано сомнение дека осомничените се организирале со цел извршување одмазднички дејствија поврзани со нивни блиски роднини, кои минатата година беа обвинети и осудени за кривично дело „терористичка организација“.
Кривична пријава за три лица поради „злосторничко здружување“ и „неовластено изработување, држење, посредување и...
Posted by Министерство за внатрешни работи / Мinistria e Punëve të Brendshme on Saturday, February 7, 2026
Истражните органи утврдиле дека групата дејствувала организирано, координирано и со заедничка идеолошка определба, заснована на радикални исламистички наративи. Според прибраните докази, тие преземале активности за собирање финансиски средства од земјата и од странство, за кои постои сомнение дека биле наменети за пропаганда и активности поврзани со исламската држава, како и за набавка на оружје и муниција.
По наредба на Основниот кривичен суд Скопје, а под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, полициски службеници вчера извршија претреси на повеќе локации во Скопје, во домови и други простории што ги користеле осомничените.
При претресите биле пронајдени и одземени автоматска пушка со две рамки и 44 куршуми, два пиштола со три рамки и 14 куршуми, една ловна пушка, една воздушна пушка, една рачна димна бомба, како и поголемо количество муниција од различен вид и калибар, заедно со други предмети кои ќе бидат користени како доказ во натамошната постапка.
Истрагата продолжува, а против осомничените се преземаат дополнителни мерки во насока на целосно расчистување на случајот.












