Растат тензиите меѓу двете членки на НАТО на Медитеранот: „Системот Навтекс предизвика паника“

Точка

06/02/2026

23:00

786

Големина на фонт

а а а

Грција и Турција со децении се во спор околу континенталниот појас долж брегот, искористувањето на природните ресурси и проширувањето на територијалните води во Егејското Море.

Во пресрет на средбата меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, се појавија нови спорови меѓу овие членки на НАТО. Проблемот е во надлежноста за ситуацијата во источниот дел на Средоземното Море.

Наводно, сакаат да продолжат со разговорите – и тоа на највисоко ниво: почнувајќи од понеделник (9 февруари 2025 година), кога во Анкара треба да заседава „Врховниот совет за соработка Грција – Турција“. Ако сè оди според планот, на маса ќе седнат и турскиот претседател и грчкиот премиер. Можно е и посебна средба на двајцата лидери некој друг ден, пишува Дојче Веле.


Врховниот совет за соработка е основан во 2010 година, по тешки и со конфликти исполнети времиња во источниот Медитеран. Сепак, досега не постигнал некои поголеми успеси. И покрај тоа, Советот тежнее да создаде позитивна атмосфера меѓу НАТО партнерите, особено во областите на економијата и туризмот. Но, досега се состанал само пет пати, последен пат во Атина во декември 2023 година.

„Турција поставува еднострани барања и територијални претензии кои немаат правна основа и за кои не може сериозно да се разговара“, објаснил тогаш во интервју за ДВ Константинос Филис, директор за истражувања во Атински институт за меѓународни односи. „Грција очекува Турција секогаш да ги исполнува нејзините барања и да прави отстапки“, возвратил Фуат Аксу, политиколог на Технички универзитет Јилдиз во Истанбул.

Навтекс (NAVTEX) – нова точка на раздор

Оттогаш во Егејското Море малку нешта се промениле, а неодамна се појавила уште една точка на раздор: минатиот четврток Турција го употребила системот Навтекс, кој вообичаено се користи во поморството, за да предупреди на безбедносни ризици и на грчки воени активности. Слични предупредувања биле издавани и во минатото.

Во суштина, проблемот е во надлежноста за ситуацијата во источниот Медитеран: кој има право да се прогласи одговорен за безбедносни прашања? Атина зборува за незаконски обид на соседот да ги прошири своите територијални води. Угледниот грчки неделник „To Vima“ го гледа тоа како „нова турска провокација“.


Од турска перспектива, тоа е само рутинска работа што е во согласност со важечкото законодавство. Но, можеби станува збор за нешто повеќе од тоа: „Навтекс предизвика паника во Грција и го промени статус-квото во Егејот“, тврдат провладинот весник „Türkiye“.

За грчкиот премиер Мицотакис, спорот околу Навтекс значи уште поголем притисок од десницата.

„Турција одзема половина Егеј, а нашата влада не гледа причина за загриженост“, изјавил Киријакос Велопулос, лидер на десничарската популистичка партија „Грчко решение“ (EL), која, според анкетите, е на третото место по поддршка кај гласачите.

Грција и Турција со децении се во спор околу континенталниот појас долж турскиот брег, искористувањето на природните ресурси и можноста за проширување на територијалните води во Егејското Море. Според својата актуелна воена доктрина „Сина татковина“, Турција исто така има право на поморски подрачја од над 450.000 квадратни километри долж својот брег.


Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето од 1982 година служи како правен компас во вакви случаи, иако Турција не ја потпишала. Сепак, таа би можела да се примени: според преовладувачкото правно мислење, овој договор го одразува обичајното меѓународно право и затоа е обврзувачки дури и за оние што не го потпишале.

Нема договор на повидок

Според Конвенцијата на ОН за правото на морето, секоја држава во принцип може да ги дефинира своите територијални води до максимум 12 наутички милји. Сепак, постои важен исклучок: во случаи на нејасни граници или преклопување, вклучените страни треба да постигнат билатерален договор. Но, договор меѓу Грција и Турција сè уште не се наѕира.

Уште во 1995 година, турскиот парламент го прогласил проширувањето на грчките територијални води во Егејското Море за „причина за војна“. Тоа е затоа што, во тој случај, Егејското Море би станало еден вид грчко внатрешно море.


Атинската влада во 2021 година ги проширила своите територијални води на 12 наутички милји во Јонското Море, кон Италија. Денес Грција изречно го задржува правото да ги прошири своите територијални води и во Егејското Море, неодамна изјавил министерот за одбрана Никос Дендиас за атинската телевизија „OPEN TV“.

Меѓународниот суд на правдата (ICJ) во Хаг се смета за конечна жалбена инстанца во однос на сите прашања од меѓународното право. Сепак, ова судско тело на ОН не дејствува по сопствена иницијатива. И Грција и Турција би морале да поднесат заедничко барање и да го овластат Меѓународниот суд на правдата да посредува. За тоа се расправа уште од 1976 година – досега безуспешно, пишува ДВ.