Астероидот 16 Сајки (Psyche) е еден од најнеобичните објекти во нашиот Сончев систем, не само поради големината, туку и поради составот. Откриен далечната 1852 година од страна на астрономот Анибале де Гаспарис, тогаш не се издвојувал како посебно значаен. Со развојот на современата технологија, научниците забележале дека астероидот многу силно ја одбива радарската сигнализација, што укажува на висок метален состав, пишува „Лед бајбл“.
За разлика од повеќето астероиди, кои се главно карпи, се верува дека Сајки содржи огромни резерви на железо, никел и платина, а дел од научниците претпоставуваат дека всушност е изложено јадро на планета што никогаш не се формирала целосно. Таквите особини го прават астероидот исклучително интересен за истражување, но и за проценета вредност која би можела да изнесува неверојатни 8 квинтилиони фунти (£8.000.000.000.000.000.000).
За да го проучат, научниците на НАСА ја лансираа мисијата Сајки (Psyche) на 13 октомври 2023 година со ракета Спејс Икс Фалкон Хеви (SpaceX Falcon Heavy). Леталото треба да стигне до астероидот во 2029 година, каде ќе ја испита површината, составот, гравитацијата и магнетното поле. Целта е да се разбере како се формираат јадрата на планетите и како изгледале раните планети во нашиот Сончев систем.
Зошто 16 Psyche е толку вреден?
Проценката за неговата вредност се базира на големината на астероидот (околу 226 километри во пречник), неговата густина и моменталните цени на металите како железо, никел и платина на Земјата. Теоретски, ако целата количина метал стигнеше на нашата планета, секој човек на Земјата би добил околу милијарда фунти. Но во практиката, тоа е невозможна идеја – технологијата за рударење астероиди сè уште не постои, а влезот на толку метал на пазарот би ја урнал неговата вредност.

NASA истакнува дека Psyche најверојатно е преживеано јадро од една планетарна градежна единица – така наречените планетесимали – кои биле градбен материјал за формирање на планетите во раниот Сончев систем. Преку проучување на астероидот, научниците се надеваат дека ќе дознаат повеќе за тоа како се формирале јадрата на Земјата и другите карпести планети, како и за настаните кои обликувале нашиот Сончев систем.
И додека идејата дека секој од нас би можел да стане милијардер со метал од астероидот е забавна, вистината е дека Psyche е многу повеќе научен отколку економски феномен, барем за сега.








