„Apple“ во својот прв фискален квартал, од октомври до декември, забележа силен раст на приходите од 16 отсто на годишно ниво, достигнувајќи 143,76 милијарди долари, пред сè поради силната побарувачка за уредите „iPhone“.
Профитот на компанијата „Apple“ за наведениот период порасна на 42,1 милијарда долари, односно 2,84 долари по акција (EPS), од 36,33 милијарди долари, односно 2,4 долари по акција во истиот квартал лани, пренесува „CNBC“.

Вкупните приходи од „iPhone“ пораснаа за 23 отсто на годишно ниво, достигнувајќи 85,27 милијарди долари, што се припишува на силната побарувачка за новите модели „iPhone 17“, претставени во септември.

„Побарувачката за уредите ’iPhone‘ беше едноставно неверојатна“, изјави извршниот директор на „Apple“, Тим Кук.

Тој додаде дека „Apple“ поставил рекорд по бројот на корисници кои ги надградиле своите уреди, додека бројот на нови корисници кои преминуваат од други брендови исто така забележал двоцифрен раст.

Компјутерите на „Apple“ не ги исполнија очекувањата на пазарот, и покрај лансирањето на ажурираниот модел „MacBook Pro“ со чипот „M4“ во ноември, при што приходите паднаа за седум отсто на годишно ниво.






