Роналдо планира да не го игра следниот натпревар за Ал-Наср! Еве зошто не е среќен во клубот

Точка

02/02/2026

10:24

736

Големина на фонт

а а а

Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња и човекот кој го поттикна масовното заминување на ѕвезди во Саудиска Арабија, Кристијано Роналдо, одлучи да го бојкотира раководството на Ал-Наср. Тој намерно нема да настапи на следниот натпревар на клубот.

Кристијано Роналдо (40) влегува во бојкот на Ал-Наср поради недостиг од доверба во клупското водство. Португалецот планира намерно да го пропушти следниот натпревар против Ал-Ријад, кој е закажан за понеделник во 16:15 часот. Натпреварот се игра во рамки на 20. коло од саудиската Премиер лига. Ал-Наср моментално е втор на табелата со 43 бода по 18 одиграни кола, додека првопласиран е Ал-Хилал со три бода повеќе.

Легендарниот фудбалер не се согласува со Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија („PIF“). Ова тело управува со уште неколку клубови во лигата, но според Роналдо, не инвестира доволно во неговиот Ал-Наср. Главниот проблем е недоволното вложување во засилување на тимот. Ал-Наср оваа зима донесе само едно засилување – Хајдер Абдулкарим, 21-годишен фудбалер од Иран.


Од друга страна, Ал-Хилал продолжува агресивно да се засилува и да носи звучни имиња во трката за нова титула. Најновото засилување е Карим Бензема (38), а клубот го доведе и Кадер Меите (18) од Рен за 30 милиони евра.

Внатрешната нестабилност во Ал-Наср дополнително се влошила. Клубот има двајца португалски функционери – Симãо Кутињо, спортски директор, и Жозе Семедо, извршен директор. Нивниот авторитет практично не постои, бидејќи со одлука на управата во јануари биле суспендирани. Роналдо не се согласува со ваквиот начин на водење на клубот и со внатрешната клупска политика. Тој не е првиот што јавно го критикувал „PIF“. Минатата година истото го направи и неговиот тренер Жорже Жезус, кој нагласи дека Ал-Хилал има значително поголема поддршка.


Роналдо за Ал-Наср има одиграно 127 натпревари, постигнато 111 голови и запишано 22 асистенции. Во кариерата има постигнато 961 официјален гол и нема намера да застане додека не стигне до бројката од 1000 погодоци. Со Португалија ќе настапи на претстојното Светско првенство, а за репрезентацијата има одиграно 226 натпревари и постигнато 143 гола.