Ако некогаш сте почувствувале анксиозност кога трошите пари – дури и за нешто што објективно можете да си го дозволите – не сте единствени.
Финансискиот страв е сеопфатно чувство што не исчезнува откако ќе ги платите сметките или откако ќе ви легне платата. Кај многумина оваа анксиозност може да прерасне во поекстремна состојба што експертите ја нарекуваат „синдром на жена со торба“.
Иако не станува збор за клиничка дијагноза, а самиот поим потекнува од застарен стереотип за бездомни жени, „синдромот на жена со торба“ опишува многу реален страв што погодува многумина, без разлика на полот.
Што точно е „синдромот на жена со торба“?
„Синдромот на жена со торба“ е страв дека ќе останете без пари и ќе завршите во финансиски крах“, објаснила за „HuffPost“ Линдзи Брајан-Подвин, финансиска терапевтка. Станува збор за длабоко вкоренета вознемиреност дека нема да можете да го одржите својот животен стил во подоцнежните години, која често е ирационална и не е поврзана со реалната финансиска состојба на лицето.
„Дури и кога некој на хартија стои добро, присутна е таа постојана грижа дека сè ќе се распадне“, изјавила Бола Сокунби, основачка на платформата за лични финансии „Clever Girl Finance“. „Забележав дека често помалку станува збор за вистински пари, а повеќе за стравот, чувството на сигурност и желбата за контрола“, истакнала таа.
Сокунби напомнала дека многу луѓе со ваков начин на размислување цврсто се држат до своите пари и чувствуваат вина кога трошат – дури и на работи што лесно можат да си ги дозволат. „Парите почнуваат да им создаваат стрес наместо да им помагаат да ги остварат целите, а емоционално тоа може да доведе до анксиозноста, прегорување и чувство дека никогаш немате доволно“, додала таа.
Овој синдром може да доведе и до тоа луѓето да чуваат премногу пари во готовина или целосно да избегнуваат вложувања, откажувајќи се од долгорочна добивка. „Претераната финансиска конзервативност може да стане контрапродуктивна. На пример, да возите до другиот крај на градот за да наточите бензин што е неколку центи поевтин, без да го земете предвид горивото потрошено за да стигнете и да се вратите“, објаснила Брајан-Подвин.
Оние што страдаат од овој синдром можат да натрупуваат и дупли предмети „за секој случај“ или да се мачат со тоа да не користат нешто за кое потрошиле пари – дури иако предметот не им се допаѓа или не им е потребен.
Психолошки и општествени причини
„Емоционалните последици вклучуваат анксиозност, страв и беспомошност“, рекла Брајан-Подвин. „Забележувам многу хипербудност, што се манифестира како замислување на најлоши сценарија за иднината, постојано проверување на приходите и расходите или барање вести што ги потврдуваат нивните стравови од финансиски закани“, објаснила таа.
Таа укажала и на ризикот од социјална изолација, бидејќи лицата со овој синдром често се повлекуваат од настани што подразбираат трошење пари. Наместо да предложат алтернативни начини на дружење, обично едноставно го одбиваат повикот и со тек на време луѓето престануваат да ги покануваат.

„Не станува збор само за пари, туку за емоционална сигурност“, истакнала Кетлин Бел од компанијата „National Debt Relief“.
„Многу луѓе го носат товарот на финансиска траума – било поради развод, грижа за некого, губење работа, растење во финансиски нестабилно домаќинство или дури поради растот на трошоците за живот во последниве години“, додала таа. Таквото минато може да поттикне трајна анксиозност. Како што сугерира и самото име, оваа состојба почесто се јавува кај жените.
„Несразмерно ги погодува жените, поттикнато од долгогодишни општествени притисоци како нееднаквост во платите, одговорности за грижа и недостаток на финансиска едукација“, рекла Бел. Брајан-Подвин смета дека стравот често произлегува од проживеано искуство, а не од ирационално размислување. „Логично е жените да се плашат дека ќе останат без пари. Жените и понатаму финансираат други пред себе – на пример, вложуваат во образованието на своите деца наместо во сопствената пензија. Исто така, имаат подолг животен век и во просек пониска доживотна заработка од своите машки колеги“, објаснила таа.
Како да го надминете стравот од сиромаштија?
Ако се препознавте во описот, важно е да знаете дека тоа не е трајна состојба. Постојат начини за решавање на основните проблеми што го поттикнуваат вашиот финансиски страв. „Првиот чекор е да го признаете стравот што го чувствувате, без да се осудувате поради тоа“, рекла Сокунби. „Целта не е да престанете да се грижите за парите, туку да престанете да дозволувате стравот да ја контролира секоја одлука“, нагласила таа.
Работата со експерт за ментално здравје може да ви помогне да го разберете вашиот страв и да најдете начини тој да не ве преплавува во секојдневниот живот. „Знајте дека не сте сами. Многу луѓе се чувствуваат вака, а постојат чекори со кои може да се прекине тој циклус“, нагласила Бел. Таа им порачува на луѓето да ги одвојат фактите од стравот и да стекнат реален увид во својата финансиска состојба, со цел да поттикнат самодоверба и јасност.
„Направете буџет заснован на реални бројки, а не на страв или претпоставки. Развијте финансиска самосвест. Запознајте се со тоа колку примате и колку трошите. Со тоа знаење поставете реални цели и следете го својот напредок“ советува Бел.
„Ако нечиј најголем страв е дека ќе ја изгуби работата и како последица ќе остане без дом, седнете и пресметајте ги бројките.Колку ви треба месечно за живот? Колку месеци реално би ви требале за да најдете нова работа?“ рекла Брајан-Подвин. Ако одговорот е три до пет месеци, таа препорачала да создадете фонд за итни случаи за тој период. Ако се плашите дека ќе останете без пари во пензија, преземете чекори за да обезбедите уплати во пензиски фондови.
„Од друга страна, користете ги бројките за да уживате во животот и да му се спротивставите на стравот“, советува Брајан-Подвин. „Дали навистина е точно дека нема да можете да се пензионирате ако одите со пријателите во кино за 14 евра? Веројатно не. Кажете си: „Безбедно е да ги потрошам овие пари и важно ми е радосно да го поминам времето со пријателите“, додала таа.
„Преобликувањето на вашиот однос со парите од страв во сигурност може да направи голема разлика – не само финансиски, туку и емоционално“, заклучила Брајан-Подвин. Сокунби повторила дека клучно е да изградите јасен план што ги балансира идните цели и вашата способност да живеете денес. „Да си дадете дозвола за намерно трошење е подеднакво важно како и штедењето. Дури и мали чекори кон вашите цели со тек на време можат да доведат до голем напредок и да ви помогнат да се ослободите од овој синдром“.












