Џим Кертис, новиот партнер на холивудската ѕвезда Џенифер Анистон, неодамна гостувал во телевизиската емисија „Тудеј“, каде што зборувал за почетоците на нивната врска, но и за сериозната здравствена состојба што му го променила животот од корен.
Кертис, кој денес е познат како експерт за хипноза и лајф-коучинг, повеќе од две децении работи во областа на здравјето и личниот развој, иако неговиот пат до оваа професија бил исполнет со предизвици.
Кариерата ја започнал на Волстрит во 1990-тите години, но во раните дваесетти години од животот сè се променило кога му било дијагностицирано хронично оштетување на ’рбетниот мозок.

Здравствените проблеми биле сериозни и значително влијаеле врз неговото секојдневие. Како што раскажува самиот, се соочувал со силни грчеви, повремена парализа, постојано кривел при одење, поради што морал да користи бастун, а често имал и интензивни главоболки. Токму тие тешкотии, вели тој, биле пресвртна точка што го натерала да размисли подлабоко за својот живот и професионален пат.
„Знаев дека ме чека нешто поинакво – помалку стресно и понежно кон моето тело“, изјавил Кертис.
Тој отворено признал дека не се пронашол во работата што тогаш ја работел и дека промената била неизбежна. Тешката дијагноза, наместо да го скрши, му помогнала да ја открие својата вистинска насока – кариера во која денес успешно им помага на другите, а воедно ужива и во врската со една од најпознатите холивудски актерки.









