[ФОТО] Најстарите дрвени алатки во историјата пронајдени во Грција

Точка

27/01/2026

16:39

256

Големина на фонт

а а а

Два праисториски артефакти пронајдени на брегот на езеро во Грција се сметаат за најстарите дрвени алатки откриени досега, а се проценува дека датираат од пред околу 430.000 години.

Едниот артефакт е тенок стап долг околу 80 сантиметри, кој можеби бил користен за копање во кал, а другиот е помало парче изработено од дрво од врба или топола, кое можеби служело за обликување камени алатки, се наведува во статија за резултатите од истражувањето објавена во научното списание „Proceedings of the National Academy of Sciences“, пренесе АП.

Научниците се уверени дека праисториските луѓе користеле бројни алатки изработени од камен, коска и дрво, но посочуваат дека е особено тешко да се најдат докази за дрвени алатки, бидејќи дрвото побрзо скапува.


Дрвените артефакти може да се зачуваат ако биле заробени во мраз, во пештери или под вода.

Се претпоставува дека артефактите пронајдени кај Мегалополис на Пелопонез, во Грција, можеби биле под седимент и останале сочувани благодарение на влажната средина во која поминале милениуми.

Со години истражувачите на таа локација пронаоѓале и други артефакти, меѓу кои камени алатки и коски од слонови со резби.


Иако научниците не ги датирале прецизно пронајдените дрвени алатки, самата археолошка локација е стара околу 430.000 години, што дава увид и во приближната старост на пронајдените предмети.

Човечки остатоци сè уште не се пронајдени на таа локација, па затоа сè уште не е јасно кој ги користел дрвените алатки – можно е тоа да биле неандерталци, рани предци на човекот, но и други хоминиди.

Други примери на откриени древни дрвени алатки вклучуваат копје од Германија и кинески стапови за копање стари 300.000 години, пренесе Танјуг.