Нов "AI" систем од Хонгконг предвидува бури и обилни дождови четири часа однапред

Точка

28/01/2026

14:29

296

Големина на фонт

а а а

Тим научници од Хонгконг разви систем за временска прогноза „DDMS“ кој користи технологија на вештачка интелигенција (АИ) за да предвидува бури и обилни дождови до четири часа пред нивното настанување, што досега беше возможно во период од 20 минути до два часа однапред.

Системот ќе им помогне на владите и на итните служби поефикасно да одговорат на сè почестите екстремни временски непогоди поврзани со климатските промени, соопшти денес тимот од Хонгконшкиот универзитет за наука и технологија (HKUST).


„Се надеваме дека ќе можеме да ја користиме вештачката интелигенција и сателитските податоци за да го подобриме предвидувањето на екстремното време, за да бидеме подобро подготвени“, изјави Су Хуи, професорка на универзитетскиот оддел за градежништво и животна средина, која го предводеше проектот.


Целта на системот е предвидување на обилни дождови, рече Су на прес-конференција свикана за да се опише трудот објавен во списанието „Proceedings of the National Academy of Sciences“ во декември. Развиен во соработка со кинеските метеоролошки власти, системот ги ажурира своите предвидувања на секои 15 минути и ја зголемил точноста за повеќе од 15 проценти, потврди тимот, пренесува „Hina“.


Нивната работа е клучна за Хонгконг и Кина, кои во 2025 година се соочија со натпросечно голем број тајфуни и дождови.


Градот лани пет пати го издаде највисокото предупредување за дожд, а второто највисоко предупредување 16 пати, што досега не се случило, соопштија хонгконшките метеоролошки власти, кои заедно со кинеските работат на примена на новиот модел во своите прогнози.


„DDMS“ е обучен со податоци за температурата што меѓу 2018 и 2021 година ги собрал кинескиот сателит Фенгјун-4. Сателитите можат да детектираат создавање облаци порано од други системи за предвидување, како што се радарите, додаде Су.