Додека светот со сè поголема нервоза ја очекува одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за можен воен удар врз Иран, тензиите на Блискиот Исток влегуваат во нова, поопасна фаза.
Реториката на закани, воените маневри и симболичните пораки од двете страни дополнително го подгреваат стравот од регионална ескалација што би можела да прерасне во отворен конфликт од пошироки размери. Иран и неговите сојузници порачуваат дека се подготвени за најлошите сценарија, додека Вашингтон и Тел Авив демонстрираат воена подготвеност и координација, оставајќи впечаток дека одлуката за војна зависи од еден потег од Белата куќа.

Во директно предупредување до Соединетите Држави, Иран на прометен плоштад во центарот на Техеран откри нов мурал со јасна порака до Вашингтон да не се обидува со воен напад. На муралот се прикажани оштетени борбени авиони на палубата на носач на авиони, со слоганот: „Кој сее ветер, жнее виор“. Пораката е дополнително засилена со изјавите на ирански функционери. Ебрахим Азизи, претседател на парламентарниот Комитет за национална безбедност и надворешна политика, порача на социјалната мрежа Икс дека американските војници од регионот ќе се „вратат кај своите семејства во ковчези“ ако САД погрешат поради погрешни процени на својот претседател. Кон објавата приложи фотографија од ковчези покриени со американското знаме во воен авион.

Пратеникот Салар Велајат-Мадар предупреди дека воен судир може да избие во секој момент, истакнувајќи дека Иран и без отворена војна, веќе се наоѓа „среде 12-дневна војна“ и нагласи дека земјата е подготвена за најлоши сценарија. Заканите доаѓаат по изјавите на началникот на американската Централна команда, Бред Купер, кој зборувал за можноста од „кратка, брза и чиста операција“ во Иран, во контекст на повеќедневни воени вежби чија цел е демонстрација на способноста за брзо распоредување и одржување борбени воздухопловни сили низ целиот регион.
Израелскиот Канал 14 ги пренесе зборовите на Купер од состанокот со началникот на Генералштабот на израелската војска, Ејал Замир, каде што било нагласено дека целосната подготвеност за иранскиот фронт би барала време, но дека Соединетите Држави секогаш се подготвени за ограничена воена акција. Според истиот извор, во американските воени кругови се зборува и за промена на режимот во Иран, со тврдења дека евентуалниот напад би бил насочен кон структурите кои учествувале во задушувањето на протестите.

Израелската радиодифузна корпорација Кан наведува дека времето на американскиот напад не е одредено и дека целосно зависи од одлуката на Трамп. Исто така, се потврдува дека американскиот и израелскиот воен врв разговарале за координација на одбраната во случај на ирански ракетен одговор кон Израел. Канал 12 го цитираше командантот на израелската Северна команда, кој призна дека Тел Авив не знае во која насока оди ситуацијата, со предупредување за натрупување на американски сили во Персискиот Залив.
Во тој контекст, американската Централна команда најави повеќедневни воени вежби насочени кон зајакнување на способностите за распоредување на силите, продлабочување на регионалните партнерства и подготовка за флексибилен воен одговор. Американските бази и единици се распоредени низ Блискиот Исток, Средна и Јужна Азија, а во тие бази во моментов се наоѓаат повеќе од 60 илјади американски војници. Командантот на воздухопловните сили на Централната команда, Дерек Френс, порача дека со ова распоредување се „промовира мир преку сила“, со цел одвраќање на агресијата и намалување на ризикот од погрешни процени.

Дека можен напад врз Иран би можел да го запали целиот регион, потврдуваат и заканите што доаѓаат од Ирак. Генералниот секретар на ирачките бригади Хезболах, Абу Хусеин ал-Хамидави, предупреди дека објавата на војна на Иран нема да биде „пикник“, туку дека непријателите „ќе ги вкусат најгорчливите облици на смрт“ и дека од нив во регионот „нема да остане ништо“. Тој ги повика муџахедините ширум светот да се подготват за сеопфатна војна во поддршка на Иран, порачувајќи дека се подготвени за сите исходи, вклучително и маченички операции, доколку верските власти прогласат џихад.















