Унгарија ќе покрене судска постапка со цел да се поништи декретот за постепено укинување на увозот на руски гас до 1 јануари 2027 година, кој беше усвоен претходно денес од земјите на Европската Унија, објави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
„Доколку не можеме да купуваме сурова нафта и гас од Русија, сметките за енергија на домаќинствата ќе се зголемат тројно, а фабриките може да се соочат со тешкотии поради зголемувањето на цените“, рече Сијарто, пренесува агенцијата MTI.
Според него, регулативата што го овозможува REPowerEU, односно ставањето крај на зависноста на ЕУ од руските извори на енергија, ги заобиколува регулативите на ЕУ, со цел да се спречи увозот на извори на енергија од Русија.
Тој истакна дека штом одлуката за усвојување на REPowerEU стане официјална, Унгарија ќе ја поднесе својата жалба до Судот на правдата на ЕУ.
„Законот е создаден за да се искористи правна дупка во однос на неговата содржина, ова е санкција што бара едногласна одлука. Сепак, за да ги заобиколат приговорите на суверените национални држави, тие употребија трик и ја претставија одлуката како трговска мерка, така што квалификуваното мнозинство беше доволно. Основниот договор јасно наведува дека националните држави имаат право да одлучат кои енергетски ресурси сакаат да ги купат и од кого сакаат да ги купат“, рече Сијарто, оценувајќи дека одлуката ги крши законите на ЕУ.
Тој изјави дека овој потег претставува „голем правен трик“ кој е насочен против унгарските национални интереси.
„Одвикнувањето на земјата од руската сурова нафта и гас би довело до огромно зголемување на трошоците за комунални услуги. Тоа е она што го сака Брисел, а ние, суверената влада, ќе го спречиме тоа“, рече тој.








