Руте: Украина ја очекува најтешката зима

Макфакс

26/01/2026

20:35

212

Големина на фонт

а а а

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес предупреди дека Украина се соочува со „најтешката зима“ во повеќе од една деценија и ги повика пратениците на Европската унија да не бидат „премногу рестриктивни“ во однос на начинот на кој ќе се користи заемот од ЕУ од 90 милијарди евра.

Руте им рече на членовите на Европскиот парламент (ЕП) дека мировните преговори под водство на Соединетите Американски Држави се во тек, пофалувајќи го американското водство во таа иницијатива, но исто така ја спомена и „Коалицијата на волјата“ предводена од ЕУ и нејзината работа за безбедносни гаранции, објавува „Гардијан“.

Целта, како што изјави, треба да биде постигнување мировен договор или долгорочен прекин на огнот „и да се молиме тоа да се случи што е можно поскоро“, а потоа да се обезбеди рускиот претседател Владимир Путин „никогаш, никогаш“ повторно да не ја нападне Украина.

Руте истакна дека НАТО продолжува да ја поддржува Украина со испораки на американска воена опрема во вредност од милијарди долари, кои пристигнуваат преку механизмот на Листата на приоритетни потреби на Украина (PURL), како и преку помали, национални иницијативи.

Тој, исто така, ги повика пратениците на ЕУ да не бидат „премногу рестриктивни“ во однос на начинот на кој ќе се користи заемот од ЕУ од 90 милијарди евра наменет за безбедност, за да не му биде уште потешко на Киев да ги троши доделените средства.

„Безбедноста на Украина е безбедност на сите нас“, рече Руте.

Според него, земјите од ЕУ треба да покажат флексибилност во однос на тоа како Украина може да го користи заемот од ЕУ од 90 милијарди евра за купување оружје и финансирање на буџетот.

Генералниот секретар на НАТО додаде дека ЕУ не треба да го наметнува правилото „купи европско по секоја цена“.

„Ве повикувам силно да обезбедите флексибилност во начинот на кој овие средства можат да се трошат и да не бидете премногу рестриктивни со условите „купувај ЕУ““, им рече Руте на членовите на Европскиот парламент.

Според него, Европа сега ја гради својата одбранбена индустрија и тоа е од клучно значење, но во моментов не може да обезбеди ниту приближно доволно од она што ѝ е потребно на Украина за да се одбрани денес и да одврати нови напади утре, пренесува Танјуг.