Исланд во второто коло од втората фаза на Европското првенство убедливо ја совлада Шведска со резултат 35:27 и ѝ го нанесе првиот пораз на турнирот.
Откако во првиот натпревар од групата тесно загубија од Хрватска (29:30), Исланѓаните со победата над Шведска дополнително ја искомплицираа ситуацијата во групата. Со овој триумф, Исланд се врати во борбата за пласман понатаму, а во групата повеќе нема непоразени селекции.
Избраниците на Снори Гудјонсон одиграа одличен натпревар, особено во првото полувреме, кое го решија во своја корист со убедливи 18:12. Шведска во продолжението успеа да ја намали разликата на само еден гол (21:20, 23:22), но Исланѓаните потоа направија нова серија и избегаа на четири гола предност (26:22). Кога три минути пред крајот поведоа со дури осум гола разлика (33:25), прашањето за победникот беше решено.

Исланд до големата победа го предводеа Вигго Кристјансон со 11 погодоци и Бјарки Мар Елисон со шест гола, додека голманот Виктор Гисли Халгримсон запиша 12 одбрани. Во редовите на Шведска, најефикасни беа Албин Лагергрен со пет и Даниел Петерсон со четири погодоци.
Посебно внимание привлече животната и спортската приказна на херојот на Исланд, 32-годишниот десен надворешен Вигго Кристјансон. Како тинејџер паралелно се занимавал со ракомет и фудбал, но на 17 години, како млад репрезентативец на Исланд, решил целосно да му се посвети на фудбалот.
Играјќи на позицијата играч од средниот ред, стигнал до прволигашот Бреидаблик, за кој забележал 12 настапи. Со истиот клуб бил дел од квалификациите за Европската лига, но на сите натпревари останал на клупата.
Viggó Kristjánsson is having a hell of a game tonight 🤯🇮🇸
— EHF EURO (@EHFEURO) January 25, 2026
8/8 after 40 minutes ✅#ehfeuro2026 #puregreatness pic.twitter.com/lsySLAsUIj
Бидејќи фудбалската кариера не тргнала во посакуваната насока, со неполни 21 година донел одлука да се врати на ракометот. По две сезони во исландскиот клуб Грота, потпишал за данскиот Рандерс во сезоната 2016/17, но со тој тим веднаш испаднал од лигата. Потоа преминал во австрискиот Хандбал Вест Виен, од каде што во 2019 година стигнал во Бундеслигата, потпишувајќи за Лајпциг.
Денес и натаму настапува во Бундеслигата, но во дресот на Ерланген, а за ракометната репрезентација на Исланд дебитирал во 2019 година.












