Како што дознава „Page Six“, филмот за Меланија Трамп, во продукција на „Amazon MGM Studios“, ќе има истовремена премиера на 20 локации низ САД.
Поканите за настанот, кој ќе се одржи на 29 јануари, веќе се испратени до премиери и други познати личности, а филмот во кината пристигнува ден подоцна.
Првата дама и претседателот Доналд Трамп ќе присуствуваат на премиерата во Вашингтон, која ќе се одржи во неодамна преименуваниот Центар за изведувачки уметности „Доналд Џ. Трамп и Џон Ф. Кенеди“. Премиерите истовремено ќе се одржат и на други локации низ земјата, вклучувајќи ги Лос Анџелес, Њујорк, Сан Франциско и уште неколку големи градови.
Се дознава дека за одделни премиери се обезбедени дополнителни кино-сали поради големиот интерес, при што за една проекција биле примени дури осум пати повеќе потврди за присуство од очекуваното. Како што се наведува, рекламните кампањи се спроведуваат во 30 земји ширум светот – од Дуомо во Италија до Пикадили Циркусот во Лондон. Една реклама за филмот веќе е поставена и на салата „Сфера“ во Лас Вегас.

Некои меѓународни проекции ги организираат амбасадори назначени од Трамп, вклучително и една што ја води Бил Вајт, американски амбасадор во Белгија и поранешен претседател на музејот „Intrepid Sea-Air-Space“ во Њујорк. Вајт и неговиот сопруг Брајан Јур се големи донатори на кампањите на Трамп и имаат блиски врски со Меланија.

Марк Бекман, продуцент на филмот и ексклузивен висок советник на Меланија, зборувал за плановите за самата дистрибуција на филмот и за тоа колку првата дама е вклучена во целиот процес. Тој рекол дека таа го надгледува секој поединечен дел, упатена е во секоја реклама, секој плакат и во целокупната кампања што се спроведува во повеќе од 30 различни земји.
„Никој досега немал ваков пристап до животот на првата дама каков што ќе имаат гледачите на филмот. Таа сега за првпат ќе ги воведе на досега невидени состаноци и локации“, додал продуцентот и советникот.

Филмот ќе се прикажува исклучиво во кината, а како што рекол Бекман, Меланија сакала тој да има кинематографски карактер и на гледачите да им понуди богато, силно и стилизирано филмско искуство.
За разлика од вообичаената практика, при која студиото осмислува промотивни кампањи што потоа се одобруваат, кампањата за овој филм исклучиво ја водат Меланија и Бекман. Тој тврди дека првата дама управува и ја презема иницијативата на сите допирни точки со публиката.

Филмот ги опфаќа деновите пред последната инаугурација на Трамп, а најавен е две недели пред неговото враќање во Белата куќа.
















