Македонија и регионот денескa, 25 јануари 2026, одбележуваат 45 години од раѓањето на Тоше Проески – уметникот кој зад себе не остави само песни, туку и трајна лекција за човечност, скромност и добрина.
Во негова чест, низ повеќе градови се организираат настани што ја потсетат јавноста на неговото дело и на вредностите што ги живееше. Како дел од одбележувањето, во петокот во аулата на ОУ „Лазо Ангеловски“ во Скопје се одржа културно-уметничкиот настан „Тоше те сакаме“, посветен на ликот и делото на Проески.

Посебен акцент и годинава има хуманоста – она по што Тоше беше препознатлив. Во рамки на традиционалните активности на Црвениот крст на Град Скопје, денеска се реализира крводарителска акција посветена на неговата хуманост, која прерасна во препознатлива традиција што обединува голем број граѓани, особено млади луѓе. Акцијата се одржува во холот на Домот на АРМ, од 09:00 до 17:00 часот.
Тодор „Тоше“ Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп, а потекнува од влашко семејство од Крушево, каде го завршил основното образование. Патот кон музиката го продолжил во средното музичко училиште во Битола, а потоа и на Факултетот за музички уметности во Скопје.

Неговата биографија е обележана и со посебен ангажман за најмладите и за општественото добро: Во 2003 година Тоше бил именуван за регионален амбасадор на добра волја, а во септември 2004 година за национален амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ, како најмлад носител на оваа титула во светот.

По тој повод, ја сними песната „За овој свет“ од авторите Младен Марковиќ и Весна Малинова, чија англиска верзија – „This World“ – стана химна на УНИЦЕФ. Во 2004 година, Тоше ја доби хуманитарната награда „Мајка Тереза“.
Професионалната музичка кариера ја започнал во 1997 година на фестивалот „Мелфест“ во Прилеп, каде што победил со изведба на песната „Yesterday“ од „Битлси“. Истата година настапил и на „Макфест“ со композицијата „Пушти ме“, со што го привлекол вниманието на пошироката јавност. Песните „Пушти ме“ и „Остани до крај“ го означија неговиот ран подем, а пресвртна точка во кариерата претставува настапот на Скопскиот фестивал во 1999 година со „Твоите бакнежи на моите бели кошули“.

Во 1999 година го објавил деби-албумот „Некаде во ноќта“, по што следел период на интензивна продукција и концертна активност. Во 2000 година учествувал на „Скопје фест“ со песната „Солзи прават златен прстен“, а истата година го промовирал и албумот „Синот Божји“, кој содржи неколку од неговите најпрепознатливи песни.

Во следните години неговата кариера добива регионална димензија, со изданија на македонски, српски и други јазици.


Посебно значаен момент во неговиот професионален развој е победата на „Беовизија“ во 2003 година со песната „Чија си“, што го позиционира како една од водечките поп-ѕвезди на Балканот.

Во 2004 година ја претставува Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Истанбул со песната „Life“, англиска верзија на „Ангел си ти“, и го освојува 14. место во финалето.

Во текот на кариерата, Тоше Проески соработувал со бројни истакнати автори, композитори и изведувачи од Македонија и од регионот, меѓу кои Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Миро Буљан, Антонија Шола и Тони Цетински.
Трагично го загубивме на 16 октомври 2007 година, во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска – датум што засекогаш остана болна, но и обединувачка точка за генерации кои растеа со неговите песни.
И денес, 45 години по неговото раѓање, се потврдува истото: Тоше не е само спомен, туку присуство – во музиката, во хуманоста и во чувството дека „она човечкото“ може да биде погласно од сè друго.
















